Летото е период од годината кој за многумина носи проблеми во однос на спиењето. Температурите, кои знаат да бидат високи и во вечерните часови, може да предизвикаат несоница кај одредени луѓе, а ако и вие сте дел од нив, не очајувајте.
Сертифицираниот тренер за спиење, Сања Ѓорѓева има совети како да си помогнете доколку не можете да потонете во сон. Во интервју за Македонски медиа сервис, таа објаснува и како одморањето надвор од дома може да влијае врз сонот и што да направат родителите ако забележат ваков проблем кај нивните деца.
Како топлото време во летните ноќи може да се одрази врз спиењето, дали може да предизвика несоница, нелагодност или слично?
Долгите летни денови всушност можат да ни го украдат сонот. Од една страна изложеноста на повеќе светлина во попладневните часови го нарушува производството на важни хормони за спиење и будење, како што е хормонот мелатонин. Подоцнежното заоѓање на сонцето може негативно да влијае на нашиот циклус на спиење и будење и на циркадниот ритам, со тоа што ќе го одложи лачењето на мелатонин кој е одговорен да го „информира” нашиот мозок дека е време за спиење. Со нарушен циркаден ритам се соочуваме со потешко заспивање и почести будења.
Од друга страна и повисоките температури во текот на летото, исто така, може да го нарушат сонот. Во идеални услови, температурата на нашето тело почнува да се намалува за неколку степени околу еден до два часа пред спиење, како подготовка за спиење, и продолжува да опаѓа додека спиеме. Овој внатрешен ефект на ладење ни помага да постигнеме длабока фаза на спиење. Но, кога надвор е многу топло, тоа спречува температурата на нашето тело да падне за да го олесниме спиењето.
Покрај светлината и температурата, треба да се обрне внимание и на нашиот животен стил во текот на летото, кој може да биде сосема различен од навиките во остатокот од годината. Летото е време кога многумина од нас се впуштаме во „режим на одмор”, што може да се претвори во повеќе дружење, пиење и јадење доцна во ноќта.