Со крајот на октомври стивна и јавното говорење за борбата со карциномот на дојка. Сепак, жените кои биле дијагностицирани со оваа болест велат дека за предизвиците кои таа ги носи треба да се говори во текот на целата година за да се зголеми свеста за важноста на скрининг процесот и на раното откривање.
Онколошките пациенти претставени преку здружението Љубов сме/Jemi dashuri поднесоа претставка до Министерството за здравство со барање за измени на здравствената законска регулатива. Од ова здружение денеска соопштија дека целта на барањето е да се подобрат условите, начинот на лекување и третман и сите постапки за остварување на правата на лицата заболени од карцином. Претходно своите барања ги образложија на средби со претседателот Стево Пендаровски и првата дама, проф. д-р Елизабета Ѓеорѓиевска, како и со ресорниот министер, Беким Сали.
Со својата претставка, здружението бара промена во начинот на финансирање на здравството, а со тоа и во условите на тендерите за тие да не доцнат и навремено да се набавуваат лекови.
– Со цел да се спречат натамошни здравствени компликации, бараме лековите за онколошките пациенти да бидат достапни преку позитивната листа, но и да се создаде можност за дополнување на листата со најновите лекови за лекување на ракот – додаваат во документот.
Икономова Давечва: Со поактивен системски пристап до подобра полжба на луѓето со карцином во општеството
За предизвиците со кои се соочуваат луѓето со карцином кога е во прашање македонското јавно здравство и какви промени треба да се направат во регулативата за тие да можат да добијат подобар третман и полесно да ги остваруваат своите социјални права, Македонски медиа сервис разговараше со Македонка Икономова Давчева и Мисрете Едипи кои го основале здружението откако и самите се соочиле со ракот на дојка.
„Иако октомври, кој е месец посветен на борбата со рак на дојка, веќе заврши, ние со нашите барања повторно ја актуелизираме оваа тема со цел да се подобри положбата на пациентите во нашето општество“, вели Икономова Давечва.
Според неа, станува збор за проблем кој го засега целото општество и затоа е потребен поактивен системски пристап.
„Се соочуваме со недостиг на термини, но и со пациентки кои не се јавуваат на термините, а при тоа не ги откажуваат, што значи дека тие не се достапни за оние на кои им се навистина потребни. Паралелно, во системот МојТермин постојат термини наменети само за онколошките пациенти, но тие можат да бидат закажани само од страна на онколозите. Со цел да се растерети метежот на Онкологија, но и да се скрати времето на чекање како пациентите би можеле да бидат прегледани навреме, бараме да се создаде техничка можност овие термини да може да се закажуваат и од страна на матичните лекари“, додава таа.