Gрадоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во вчерашното гостување во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија меѓу другото објасни зошто натписите на спомениците, каде што пишува „бугарски фашистички окупатор“ нема да го замени со „администрација“, но и даде одговор на прашањето кога Бугарите ќе бидат запишани во нашиот Устав.
„Во мојот град нема да се тргаат натписите на спомен плочите кадешто пишува бугарски фашистички окупатор, затоа што тој бил окупатор, не бил администратор. Значи, нас не окупира. Ако се сеќавате во периодот на окупација, доаѓаат бугарските војски во Македонија, тоа е свежа историја, ги чекаат на одредени места и градови со леб, сол и погача. Ја делат Македонија до Групчин и тоа ја потврдува желбата за чиста окупација и припојување на територија“, потенцираше градоначалникот Димитриевски.
На прашањето на водителката кога Бугарите ќе бидат запишани во Уставот тој рече:
„Бугарите ќе бидат запишани во Уставот без никаков проблем кога ќе има реципроцитет, кога мојата баба Бранка во Благоевград ќе може да биде Македонка, а не Бугарка. Ќе си најдете начин барем една декларација во Парламентот ќе донесете кадешто ќе го признаете Македонското малцинство“, рече тој.
Димитриевски потенцираше дека Бугарите мора да признаат еден непобитен факт, а тоа е дека Македонецот постои и не може да велат дека после 46-та година Македонците настанале.
Во емисијата, тој посочи дека во периодот 1941-1944-та година Бугарија е составен дел на фашистичката коалиција и за тоа постојат документи, а официјална Бугарија никогаш не излегла со став и не се извинила.
Во емисијата, Димитриевски изјави дека Гоце Делчев е симболот на македонизмот, го почитува ставот на господин Христов, но Гоце Делчев кажува за самиот себе што е и каков е.
Погледнете го гостувањето на Димитриевски на Фејсбук: