Охридскиот чинар (Platanus orientalis), симбол на градот, со својата историја и убавина ги привлекува погледите не само на охриѓани, туку и на многубројните посетители. Седумте чинари и кочеџикот се и природна реткост прогласени од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Покрај повеќевековното стебло на плоштадот „Крушевска Република“, кое честопати е зборно место на туристите, заштитени се и чинарите во близина на Здружението на пензионери, во населбите Воска и Кошишта, пред зградата на Црвен Крст, кај Мини маркет и во Влашка Мала, како и единечното стебло Кочеџик во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Изминатото лето пред овие стебла беа поставени информативни табли со основни податоци за староста и називот на заштитените дрвја.
Симболот на градот, сведок на 11 вековните премрежја, чинарот на Малиот плоштад, пред две години беше саниран и ревитализиран под стручен надзор на професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет во Скопје. Стеблото, кое, според преданијата, било засадено од Свети Климент кон крајот на 9-тиот или почетокот на 10-тиот век, по тогашните кажувања било во доста лоша состојба поради староста, но и несоодветна заштита. Сега, дрвото е механички обезбедено со четири потпорни столба, а соодветно е уреден и просторот околу него.
Иако легендата кажува дека чинар на плоштадот е стар 11 века, науката, според Јасминка Момироска советник во секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при општина Охрид, утврдила негова старост од околу 700 години.
– Проценетата старост на чинарот на Плоштад е околу 700 години, оној кај населбата Воска околу 400, кај Кошишта 300 години, во Влашка маала 150 години, а кај Мини маркет 120 години. Чинарите пак пред Црвен крст и пред Здружението на пензионери се стари по еден век. Додека Кочеџикот е засаден 1886 година од Никола Чудов по повод 1000 годишнината од упокојувањето на Свети Методиј, информира за МИА, Момироска.
Грижата за одржување и ревитализација на заштитените чинари и кочеџикот е на Општина Охрид, односно јавното претпријатие „Охридски комуналец”, чии експерти се грижи за нивна заштита.
Обновена заштитната кора на стариот чинар, дрвјата се одржуваат стручно
Шумарскиот инженер и раководител на сектор „Паркови и зеленило“ при „Охридски комуналец“ Трајан Љаткоски информира дека согласно препораките од професорот Ацевски, редовно се става прихрана на чинарите со минерални ѓубрива и прскање со органски инсектициди.
– Направено е и обновување на заштитната кора на стариот чинар, со природна кора од неговата и од други постари чинари, кои имаат подебела кора. Се врши лепење на мрежа со природни лепила (туткал). Редовно се чистат и сувите гранки, се кастрат младите изданци, ја обновуваме крошната, а трипати годишно се врши и прихрана на дрвјата, појасни Љаткоски за МИА.