Ние сме подемократско општество од Бугарија и тоа го докажува и денешниот ден кога тие доаѓаат со намера да навредуваат и омаловажуваат, а ние кога одиме во Бугарија не го правиме тоа, вели лидерот на „Македонски концепт“, Павле Богојески.
Во емисијата „Стадион“ на Канал 77 тој апелираше „да се игнорираат бугарските глупости“ и да не им се дава толкав медиумски простор на секакви личности кои шират пропаганда.
Според него реципроцитет за македонците во Бугарија, доколку се внесат бугарите во уставот кај нас, не може да има затоа што бугарите имаат граѓански устав. Дополнително вели треба да донесеме закон со кој секој што го негира македонскиот јазик, идентитет, но и хологаустот и дека бугарите биле дел од него, треба да бидат судени и ставени во затвор.
- Еднинствен начин да влеземе во ЕУ како свои на своето е во Македонија наместо бугари во устав, е да се адаптираме и да бидеме сите македонци. Нас ни треба граѓански устав во кој сите ќе ги уживаат сите права. Сите јазици ќе бидат рамноправни, а јазик за заедничко разбирање ќе си е македонскиот јазик. Тоа е единствено решение и само така ќе има реципроцитет, вели Богојески.
Тој повторно негираше дека има бугарски пасош, а вели најголем доказ е тоа што кога одел во Бугарија како докторанд му биле издавани визи кои му се стојат во македонскиот пасош. Во однос на распишаната потерница против него во Бугарија, тој вели дека „може да падне како трула круша“ доколку има потреба.
- Бев задржан при влез во Хрватска и Грција и европските власти ме известија дека станува збор за бугарска потерница, а по мое барање да разберам како, таа потерница исчезна. По она што го знам бугарите се уште ја држат официјално таа потерница против мене за во Бугарија. Јас побарав преку МНР да известат официјално и рекоа дека нема, но факт е, дознав преку мои адвокати таму, дека е така и постои обвинение, рече Богојески потсетувајќи и дека во Македонија „избугарени македончиња“ пуштале претставки до Комисијата за заштита од дискриминација затоа што навивал за македонската фудбалска репрезентација, зошто рекол дека бугарите учествувале во Холокаустот и сл.