Од првиот четврток после Велигден, па се до Спасовден, бројни посетители од цела земја доаѓаат да се протнат под водата на Црн Камен, вакавско место во близина на Велес кое е познато по својата исцелителна моќ. Иако според традицијата на ова место со чудотворна моќ се доаѓа само во четврток пред изгрејсонце, посетителите доаѓаат секој ден, а за викенд е преполно со луѓе од другите македонски градови и села кои веруваат дека каменот ќе им помогне во нивната мака.
За да се увериме во тоа ММС го посети ова место, за кое се верува дека им помага на луѓето.
Според народното предание, месноста Црн Камен името го добила според црн историски настан кој се случил пред стотици години. Група непознати напаѓачи заклала 40 свештеници и се верува дека црната боја на карпите и камењата е крвта која ја пролеале е на поповите и монасите.
Стариот град Вила Зора, претходникот на Велес, е во непосредна близина на Црн Камен и се верува дека тука бил храмот во кој живееле свештениците што служеле во градот и околината.
– Тука биле заклани 40 свештеници за време турско. Се верува дека црната карпа е крвта на свештениците. Ова место се слави и се посетува најмалку 100 години – вели граѓанин од Велес кој неколкупати неделно оди таму за да продава свеќи.
Од карпите тече водопад висок педесетина метри кој според преданијата има исцелителна моќ. Кога се доаѓа првпат, се мине трипати под водата, посетителот треба да се намокри и потоа се зема камче, се замислува желба и тоа се чува до следната година. Оној што го земал камчето, кога ќе дојде повторно треба трипати да помине низ водата и да го врати камчето близу местото од каде што го земал.
Се случува водата во сите три обида да бега од некои луѓе како “ѓаволот од крст“ што според обичаите значело дека имале направено некој грев, па си оделе дома расплакани.
Се поминува за здравје на болни луѓе, но најмногу за пород, се протнуваат паровите, кои не можат да имаат деца.
– Луѓето доаѓаат 40 дена после Велигден, секој четврток. Доаѓаат претежно за здравје и доаѓаат жени кои не можат да имаат поколение. Оние што доаѓаат за потомство врзуваат „прслучиња“ и гаќи на таканаречените дрва на желби, даваат дарови и облека, а тие што се дојдени за здравје оставаат по нешто на иконите во близина на карпата – вели продавачот на свеќи.
Секоја година доаѓаат се повеќе и повеќе луѓе од сите краишта.
– Едни жени доаѓаа тука неколку години за да добијат деца. После некоја година дојдоа тука и ми се пофалија дека добиле дечиња и тоа близначиња. Јас сум сведок дека карпата има исцелителна моќ. Секоја година доаѓа една жена од Скопје за да му се заблагодари на каменот што постои. Нејзината мајка пред 50 години се породила со неа откако дошла да се натопи со вода кај Црн Камен, а претходно долги години немала деца.
За време на посетата, разговаравме со неколку гости од Скопје, но повеќето од нив срамежливи и несигурни при својата прва посета, не сакаа многу да зборуваат за маката која ги натерала да го бараат своето чудо на Црн Камен.
Тој се присети на неколку случаи со брачни двојки што немале рожби по десетина години и по некое време доаѓале кај водопадот со бебето. Некои од среќните луѓе кои ја почувствувале моќта на каменот и водопадот, ги крстат своите машки деца Димитар според заштитникот на манастирот „Свети Димитрија“ кој, според верувањата, треба да се посети за да се исполнат желбите.
Карпата Црн Камен се наоѓа јужно од Велес, околу 500 метри после манастирот „Свети Димитрија“. Местото е сместено во пазувите на двата ридови и до него води пристапна бетонирана патека од околу еден километар за која е потребен мал напор за да се искачи.
Местото може да го посетат и оние кои не веруваат во народните преданија и исцелителната моќ, пред се, поради убавината на водопадот висок педесетина метри.
Текст, фото и видео: Орце Костов