Системски слабости кои се однесуваат на непрецизно уредување на надлежностите за потврдување на остварениот приход од осигурителните компании, при што во Буџетот на Република Северна Македонија не се уплатени 379 милиони денари, утврдила направената ревизија на политиките за справување со пожарите.
Извештајот констатира дека нема синхронизација во активностите, недостаток на кадровски и технички капацитети, а на сето тоа им кумува начинот на финансирање на дејноста која ја вршат Територијалните противпожарни единици (ТППЕ).
Не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гасење, како и мерки за намалување и санирање на последиците од пожарите и обновување на животната средина.
– Утврден е недостаток на одредба за надзор над уплатата на средствата за проширена репродукција од страна на субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна и приватна сопственост и правните субјекти кои вршат промет на дрва. По тој основ, со ревизијата заклучивме дека во Буџетот на Република Северна Македонија не се уплатени 378.953 илјади денари, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Не се обезбедени во целост услови за рано предупредување, идентификување на појавите и процесите кои се ризици и опасности по безбедноста на граѓаните со што непосредно се загрозува животот и здравјето на луѓето и целокупната животна средина.
Констатирани се меѓуресорски слабости, поради што од ДЗР препорачуваат преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции со цел подобрување на состојбите во областа на правната и стратешката рамка, системот за превенција и заштита од пожари и надзорот.