Струшкиот гинеколог Мухамед Асани е казнет условно од две години за давање здравствени услуги без дозвола, а нема да се изврши доколку Асани во рок од четири години не изврши ново дело.
На ова реагираше родилката од Дебар, Јилдз Веапоска, која беше сведок во овој случај.
Веапоска е позната по јавноста како пациент кој при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник.
„Ајде нека му се множат“, напиша Веапоска на Фејсбук по објавување на пресудата.
-Ова е капка во морето за разлика од тежината на случајот што тој го направи. Јас се пргледував кај него во приватната ординација и за двете бремености, а немав поим дека не била легална. Јас бев сведок, кажав кога ме прегледувал, колку ми наплаќал и дека не издавал фискална. Ми наплатување кога колку беше расположен, од ракав, некогаш 1.000, некогаш 1.200, некогаш 1.500 денари и сите прегледи беа по 16 часот. Работел на диво и не сум била само јас пациент, имаше и други сведоци. Мене ми е важно моето, за тоа да биде казнет и да му се одземе лиценцата. И условно ако е осуден тој ќе продолжи да работа. А за мојот случај да му се одземе лиценцата и да не работи, да не повредува други жени. Условната казна е донесена во декември и навистина ова ситница од казната што треба да ја добие, рече Веапоска за ММС.
Според одлуката на Судот, Асани не треба да изврши друго дело во наредните четири години, во спротивно ќе треба да одлежи две години затвор.
– Му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши, ако осудениот во рок од четири години не стори ново кривично дело, потврдија за МИА од Основниот суд во Струга
Асани од Државниот санитарен и здравствен инспекторат доби забрана за вршење на дејност во нерегистрирана ординација.
Против доктор Асани во тек е судска постапка за отстранување три органи по породувањето со царски рез на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар. Судењето по овој предмет треба да продолжи на 10 март за кога е закажано ново судско рочиште.