Почетокот на шеесеттите години бил погубен за Мајкл Рокфелер (23), синот на Нелсон Рокфелер кој во тоа време бил гувернер на Њујрк.
Имено, јавноста била шокирана кога се појавила веста за неговото исчезнување на брегот на Папуа Нова Гвинеја. Целата нација се кренала на нозе и почнала потрага по него. Сепак, од момчето немало ни трага ни глас.
Дури години подоцна било откриено што се случило со богатиот наследник, а неговата трагична судбина била вознемирувачка и бизарна.
Мајкл Кларк Рокфелер е роден 1938-та година. Тој бил најмладиот син на гувернерот на Њујорк, Нелсон Рокфелер и најнов член на династијата на милионери која ја основал неговиот прадедо Џон Рокфелер – еден од најбогатите луѓе кои некогаш живееле.
Неговиот татко имал преголеми очекувања од него, форсирајќи го да тргне по неговите стапки. Сепак, Макл бил целосна спротивност на својот татко. Бил повлечен и тивок, но и уметнички настроен. Работата во компанијата никогаш не го интересирала, бидејќи тој сакал да биде авантурист. Во 1960-та година дипломирал на Харвард. Неговиот татко, кој важел за колекционер на уметнички дел, отворил Музеј на примитивна уметност, а неговите експонати, вклучително и нигериски, ацтечки и мајански дела, го воодушевиле Мајкл.
Тогаш тој одлучил да ја бара сопствената „примитивна уметност“ (застарен термин кој се однесувал на незападната уметност, особено на домородните народи) и зазел место во одборот на музејот на неговиот татко. Мајкл веднаш се пронашол во уметноста, а Карл Хајдер, дипломиран студент по антропологија на Харвард кој работел со Мајкл, во една прилика изјавил: „Мајкл рече дека сака да направи нешто што претходно не е направено и да донесе голема колекција во Њујорк“.
Мајкл го живеел животот од соништата. Патувал многу и со месеци живеел во Јапонија и Венецуела. Меѓутоа тој постојано сакал промени, а имал голем сон да тргне на антрополошка експедиција. Тоа што го посакал, тоа и го остварил. По еден разговор со Холандскиот национален етнолошки музеј, тој одлучил да тргне на извидничко патување до тогашната Холандска Нова Гвинеја, огромен остров во близина на Австралија, за да ја „собере“ уметноста на народот Асмат што живеел таму.
Мајкл на својата експедиција тргнал на почетокот на шеесеттите, меѓутоа тој не бил првиот кој тргнал на овој остров. Холандските колонијални власти и мисионери веќе биле на островот скоро една деценија, но многу од Асматите никогаш немале видено бел човек. Овој карактеристичен народ имал многу малку контакти со надворешниот свет, биле примитивни и изолирани од остатокот на светот. Како такви, Асматите верувале дека земјата зад нивниот остров е населена со духови, а кога белите луѓе дошле од другата страна на морето, ги гледале како некој вид натприродни суштества.
Мајкл Рокфелер и неговиот тим истражувачи и документаристи биле куриозитет за селото Отсјанеп, дом на една од најголемите заедници на Асматите на островот, но не биле сосема добредојдени. Мештаните се согласиле на тоа да бидат фотографирани, но не им дозволиле на истражувачите да ги купат културните артефакти. Тоа не го спречило Мајкл да почне уште подлабоко да истражува, а она што го дознал за овој народ било фасцинантно. Едвај чекал на сите да им предочи што открил. Во тоа време војувањата меѓу селата биле вообичаени, па Мајкл дознал дека Асматите често ги земаат главите на своите непријатели и го јадат нивното месо. Во одредени региони мажите се занимавале со ритуален хомосексуален секс, а во обредите на поврзување понекогаш пиеле урина.
„Ова е најдивата и некако најдистанцирана земја од она што некогаш сум го видел“, напишал Мајкл во својот дневник.
Кога почетната извидничка мисија била завршена, тој бил полн со енергија. Ги опишал плановите за детална антрополошка студија за Асматите и за претставување на нивната уметност во музејот на неговиот татко.
Последното патување
Сакајќи да дојде до нови информации, Мајкл повторно се упатил кон Нова Гвинеја во 1961-та година, а друштво му правел Рене Васинг, еден од владините антрополози. Меѓутоа, сѐ тргнало на лошо кога нивниот чамец се превртел по едно големо невреме. Тие двајца цело време се држеле за преобрнатиот чамец за да си ги спасат животот. Иако биле 20 километри оддалечени од брегот, Мајкл наводно му рекол на колегата „Мислам дека ќе успеам“ и скокнал во водата. После тоа, никогаш повеќе не бил виден.
Семејството на Мајкл, кое било богато и политички поврзано, се погрижило да не се штеди во потрагата по него. Бродови, авиони и хеликоптери го пребарале целиот регион барајќи го него или барем некој знак за да откријат што му се случило. За жал, сѐ било безуспешно. Никој не успеал да го пронајде неговото тело, а по девет дена, холандскиот министер за внатрешни работи изјавил: „Нема веќе надеж дека Мајкл Рокфелер ќе го пронајдеме жив“.