„Едно се договараме друго играме, немаме квалитет за вакви натпревари“ - Големо разочарување кај македонските ракометари
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/15/23 8:51 PM

„Едно се договараме друго играме, немаме квалитет за вакви натпревари“ – Големо разочарување кај македонските ракометари

Големо разочарување владее во таборот на македонската ракометна репрезентација по вечерашниот висок пораз од Холандија во второто коло на Светското првенство 2023.

Еден од најискусните, левото крило Дејан Манасков смета дека оваа селекција во дадениов момент нема квалитет за вакви тешки натпревари.

– Не знам што да кажам. И пред натпреварот реков дека ако играме како со Норвешка ќе изгубиме 10 разлика. Одигравме катастрофално. Немаме квалитет за вакви натпревари. Вакви натпревари се играат со концентрација, со глава, со срце, со изгубени глави не се игра на вакви натпревари. Ќе се обидеме да собереме сили да ја победиме Аргентина, колку да се рече дека сме влегле во втората фаза, па таму со Господ напред, изјави Манасков.

Бекот Филип Кузмановски побара од своите соиграчи максимално залагање во последното коло против Аргентина и обид да се дојде до победа.
– Не ми е јасно што се случува. Навистина сме подготвени, а играме само дваесетина минути и потоа ништо не функционира. Едно се договараме друго играме. Не се изгубени шансите, ни следи дуелот со Аргентина. Нема веќе млади и стари, туку добри и лоши. Треба сите што ќе бидат на теренот да помогнат. Навистина е разочарувачки резултатот. Благодарност до нашите навивачи кои поминаа илјадници километри да ни дадат поддршка, истакна Кузмановски.

Во последното коло од Ф-групата, македонската селекција ќе се соочи со Аргентина во директен дуел за пласман во Главната групна фаза.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7