Песна „Празен календар“ на битолчанецот Менде Куновски доби продолжение. Овојпат таа носи наслов „Мастило“.
Некој можеби ќе каже – модерна серенада и искрено нема да згреши, но едно е повеќе од сигурно, а тоа е дека ова музичко дело е буквално за сечиј вкус…
Менде повторно избра да соработува со веќе докажаните и квалитетни автори.
Текстот го напиша Борче Нечовски, музиката е дело на одличниот Суад Хусеин – Цуле, а пак аранжманот го изработи Ташко Грујовски.
Особено сме сигурни дека ќе се памети фразата од текстот, која вели: „Не сум сретнал жена како тебе, што ме љуби, а ништо не бара“…
„Многу сум пребирлив кога треба да изберам песна за себе и поради тоа не вадам песни на секои три месеци. Оваа екипа со која работам ме познава доволно добро и знае што може да ме „погоди“. Јас сум презадоволен, реакциите на најблиските пријатели, соработници се позитивни, а такви ќе бидат се надевам и на публиката кога ќе ја слушне оваа песна“ – вели Менде.
За оваа нова Менде сними и видеоспот, кој го изработи „Арт продукција, а во кој се појавува и убавата Анита Јовчевска.
Менде наскоро ќе ја изненади публиката и со нова тамбурашка песна и тоа со негова колешка од Србија. До тогаш познатиот битолчанец може да го видите и слушнете во живо на многубројните негови настапи ширум нашата земја, а таа привилегија ја имаат и нашинците во Канада и Шведска, каде тој честопати настапува.