Слабата физичка активност, предолгото седење пред компјутер и кревањето тешки предмети се главните три нездрави навики кои може да доведат до појава на ишијас. Ишијасот кој е познат и како лумбоишијалгија е болка по регијата на лумбалниот дел на ‘рбетот и регијата на задната ложа на левиот или десниот екстремитет. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува физиотерапевтот, Илија Жежов. Темата на разговорот – ишијас, ја одбравме неслучајно бидејќи како што вели тој, се’ повеќе луѓе се соочуваат со ваквиот проблем.
Има ли некоја група граѓани која е со поголем ризик за ишијас (на пример, бремени жени, одредена старосна група и така натаму)?
-Бремените жени имаат поголем ризик од ишијас бидејќи во процесот на бременоста имаат помала активност во секојдневието. Кај овие пациентки најчесто даваме блага мануелна лимфна дренажа за ублажување на болките. Кај постарата популација поради слаба физичка активност, исто така се јавуваат низа проблеми поврзани со здравјето, а меѓу нив и заболување на ишијас. Тука исто така ќе напоменам дека и телесната тежина има голема и сериозна улога во одредени здравствни проблеми, а дел од нив е и појавата на ишијасот.
Како може да се превенира појавата на ишијасот? Што е со луѓето кои немаат многу кондиција и не се спремни за поинтензивни физички активности, дали тие може да направат нешто во рамките на своите можности за да го намалат ризикот од појава на ишијас?
-Ишијасот како и сите други заболувања настанува индивидуално. Овозможувањето време за себе треба да е време кога се посветувате на поголема физичка активност, пешачење два до три пати неделно како и консултација со физиотерапевт какви вежби одговараат за телото што би ве држеле секогаш активни. Кај пациентите секогаш се даваат инструктивни насоки за поголема физичка активност, вежби, како и насоки зошто е добро еднаш до два пати месечно секој од нас да превенира 30 до 60 минути масажа и да посети физиотерапевт.
Преку примената на масажа физиотерапевтот ќе процени дали е се’ во ред со мускулатурата па доколку е започнат некој дегенеративен процес навреме ќе се дадат превентивни насоки за третирање на настанатиот здравствен проблем.
Како се поставува дијагнозата? Дали се потребни одредени снимања на телото, односно какви испитувања се прават?
-Најчесто пациентите за болката со ишијас се жалат кај матичните лекари од каде и добиваат медикаментозна терапија за смирување на болките, а потоа се даваат насоки за физикална терапија.
Физиотерапевтот по консултацијата со пациентот и увидот во документацијата подготвува соодветен план протокол по кој прави третирање во лекувањето. Третирањето на ишијас најчесто го лекуваме врз база на медицинска докоментација. Доколку пациентот ни укажува дека има подолг период проблеми, тогаш даваме насоки за подготвување на РТГ снимка преку која и го гледаме проблемот, па потоа се однесува одлука за процесот на лекување.
Каква е улогата на физиотерапевтите во лекувањето на ишијасот? Како оваа професионална фела им помага на пациентите со ишијас?
-Физиотерапијата е медицинска гранка, гранка во која пациентите го гледаат спасот во лекувањето со низата на здравствени проблеми. Терапевтите во лекувањето применуваат физикална терапија – вежби, но и мануелна терапија односно масажа, како наменета метода за лекување на ишијас.
Една од специјалните методи во лекување на ишијас е мускулно длабинската медицинска терапија масажа и токму таа дoсега се покажа како најуспешна во лекувањето ишијас. Терапијата односно масажата е наменета исклучително за третирање на ишијас. Пациентите освен на болка се жалат и на отежнато движење, како и попречување во извршувањето на секојдневните обврски. Со нив најчесто разговараме за проблемот, така што им даваме објаснување како самата терапија ќе даде соодветни резултати и ќе овозможи враќање во нормална функционалност.
За сето ова потребно е време и трпение за успех во постапката со лекувањето. Лекувањето односно третирањето во оваа проблематика е од 10 до 15 дневна терапија, а може да трае и до 21 ден.
Дали имате искуство со пациенти кои пред да се обратат на физиотерапевт биле кај некое лице без соодветно медицинско образование, па ситуацијата можеби и дополнително се искомплицирала?
-Да, понекогаш пациентите посетуваат местачи и масери што не се медицински образовани. Поради тоа, настануваат и многу посериозни проблеми, проблеми поради кои кај некој пациенти се извршуваат и хирушки зафати, а тука спаѓаат пукнати пршлени, посериозни оштетувања на нервот и влошување на состојбата. Мојот совет е секогаш посетувајте лекар или физиотерапевт. Само на тој начин ќе направите успех во лекувањето со низата здравствени проблеми.
Вања Мицевска