Македонската влада ја објави усвоената програма за дејноста Студентски стандард, каде нема простор за проекти како изградба на студентски дом во Штип, или реновирање на застарените во Скопје. Во капитални инвестиции, обезбедени се 17,2 милиони денари само за Државниот студентски дом во Тетово.
Овој објект се гради од 2018 година и до сега за него се потрошени 116,5 милиони евра. Предвидените пари треба да послужат за набавка на мебел за сместување на 305 студенти.
За останатите студенти домови се планира купување на машини за кујните на домовите.
Од вкупната програма што чини 1.375.109.000 денари, се планираат исплати на различни типови на стипендии, партиципација за школарина и сместување на студенти, стипендии за студенти Роми, а продолжува и програмата за плаќање на школарината на талентирани студенти кои се запишале на првите сто рангирани универзитети во светот.

Според оваа програма, месечната цена за партиципација за сместување и исхрана, која ја плаќа Министерството за образование и наука изнесува 3.410 денари за еден студент, за најмногу 10 месеци во годината. МОН целосно ја плаќа цената за сместување и исхрана во студентските домови во износ од 6.820 денари за еден студент за најмногу 10 месеци во годината и тоа за студенти кои се сместени во студентските домови за определени категории.
Различните типови на стипендии остануваат во износ од 6.050 денари. И оваа година се обезбедуваат стипендии за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров. За нив месечната стипендија исто така изнесува 6.050 денари за девет месеци во годината, додека за сместување и исхрана цената за еден студент е 6.820 денари месечно. За студентите од странство кои се од интерес на државата, за изучување на македонскиот јазик и писмо и/или англискиот јазик преку посета на обуки/курсеви на некој од државните универзитети во траење од 1 до 3 месеци, се предвидува месечна стипендија од 6.050 денари, трошоци за сместување и исхрана во студентски дом (појадок, ручек и вечера во студентски дом) во месечен износ од 8.620 денари за еден студент, како и бесплатна обука/курс за изучување на јазик, трошоци за дозвола за престој, примарно здравствено осигурување и повратен авионски билет.