На Јасмина Пелтековска од Гевгелија треба да ѝ се пружи рака за храброста, што и покрај ризикот за своето здравје по втор пат успеа да стане мајка.
Пред 15 месеци Јасмина беше првата жена во Македонија, која стана мајка со цистична фиброза, болест која претставува голем ризик за бременоста, и за бебето и за мајката, а пред десетина дена се случи уште едно чудо, таа ја роди втората ќеркичка.
Првата ќерка Валерија ја доби преку ин витро, а Бојана, како што вели, дошла неочекувано, како дар од Бога, а бидејќи се родила на Богојавление, решила да ја крсти Бојана.
ММС ја контактираше среќната мајка, која и по 13 дена од породувањето не може да си замине дома со бебето, уште е во болница во Скопје, бидејќи како што ни рече, ја прима венската терапија.
-Мислев и се уште мислам и убедена сум дека ако човек нешто реши да направи и Господ ќе му помогне. Додека да ја добијам Валерија толку многу се молев на Бога, бев во исчекување, посакував, па направив ин витро и лежев во болница, само за да се остварам како мајка. Имав преголема желба да станам мајка и го направев невозможното. Бев пресреќна кога се роди, секој ден се заблагодарував на Бога што ми овозможи да ја доживеам оваа радост. За Валерија ете чекав и дочекав. А сега се случи вистинско чудо, кое не го чекав. Кога Валерија имаше шест месеци јас дознав дека сум бремена и еве по 15 месеци од нејзиното раѓање јас повторно станав мајка. Чудо од Господ. Навистина како дар од Бога, па како неочекувано се роди на Богојавление и ѝ го дадовме името Бојана. Затоа велам-Господе, ти благодарам за ова чудо, вели среќно Јасмина.
Како пациент со цистична фиброза Јамина поминала низ тежок период додека да ја роди Валерија, затоа и сега кога дознала дека е бремена се исплашила како ќе биде и што ќе се случи.
-Кога дознав дека сум бремена место да се израдувам јас се исплашив, ми беше страв. Не знаев дека сум бремена, а примав многу антибиотици. Ми кажувале за последици на бебето, бидејќи некои антибиотици не се дозволени за бременост, а јас ги примав. Не знаев како да постапам. Помислував и на абортус, но си реков Господ е голем, јас го сакам ова бебе. Дознав дека сум бремена додека лежев во болница во Козле, примав венска терапија и веднаш дојдов на Гинекологија за да направам проверка. Ми рекоа дека бебето веќе има срцева реакција, дека е се во ред и дека сум бремена веќе 3,5 месеци. Чудо. Но, додека да се израдува човек поминува низ многу маки. На сите мои проблеми со здравјето, на мојата болест и бременоста ни се закачи и корона. Прележавме и корона, и бебето и јас сето тоа го издржавме. Навистина бебето е херој што го издржа сето тоа заедно со мене, вели Јасмина.
За разлика од претходната оваа бременост Јамина вели дека сега било многу потешко. Кашлала многу и постојано пиела антибиотик, се до денот на породувањето.
-Само венска терапија, лежење, хоспитализација, таблети преку уста…Немаше ден да не поминам без антибиотик. Многу кашлав, многу. На моменти ми се чинеше дека ќе го искашлам бебето. Ќе примав терапија 10 дена и после пет дена повторно истото, кашлање, па ајде пак антибиотик. И така се до крај. Навистина тешко поминав, но утеха ми е што Бојана иако е пред време родена, сега е добро. Се надевам дека во текот на неделава ќе не пуштат од болница и ќе си одиме дома. Заради мене, што морам да ја примам венската терапија уште не можеме да си отидеме дома, додава таа.
За разлика од првата бременост, кога била под постојан лекарски надзор Јасмина ќе го памети ова породување, бидејќи болките почнале додека била дома, во Гевгелија, а, вели, цела вечност ѝ се видел патот до Скопје.
-Породилните болки почнаа во осми месец. Ги добив додека бев дома, во Гевгелија. Бидејќи сум специфичен случај веднаш ме испратија за Скопје со Брза помош, каде и почнав да се породувам. Кога стасавме во Скопје веднаш ме породија со царски. Јас и кога почнав да се породувам многу кашлав, а сатурацијата ми беше многу ниска. Додека се возевме за Скопје бев многу уплашена, дали ќе стасам до болница, како ќе биде. Но, ете пак ќе кажам, му благодарам на Господ што се заврши се како треба. Ја издржав и оваа борба, ни вели среќната мајка.
Јасмина во моментов не може да се приклучи на луѓето, со кои ја дели маката, да биде дел од протестот на пациентите со цистична фиброза, кои се борат да го добијат лекот трикафта, кој ќе им го олесни животот. Но, вели, ги поддржува во желбата конечно да се изборат до крај, државата да ги слушне нивните проблеми, за да живеат нормално.
-Да можев физички ќе бев поддршка, навистина би сакала конечно да ги слушнат нашите проблеми. Сакам да се обезбеди лекот, па и ние да видиме бел ден. Многу сум разочарана од однесувањето на министерството и од државата кон нас. Да имам можност веднаш би се иселила, само заради тоа што веќе не можам да изржам и со болеста и со лежењето по болници. Тажна сум кога гледам како во другите држави убаво и лесно живеат луѓето со оваа болест, а ние се измачивме. Со сопругот веќе разговаравме за да се иселиме и работиме на тоа. Спасот мора да се бара. Не е лесно да се напушти домот, ама и не е лесно да се продолжи да се живее вака, додава таа.
Весна Миленковска