Албанската компанија за трговија со струја, „Енер трејд“, која ги откупува македонските ноќни вишоци на струја, за само три години успеа да се искачи на врвот на најмоќни албански компании.
Оваа компанија, која ги добива големите јавни набавки распишани од владата на Еди Рама, во 2021 година се издигнува како најголем оператор за тргување со енергија. Во само неколку години „Енер трејд“ отвора свои компании во Малта, Македонија и Косово, при што еднаш е откупувач, друг пат продавач на струја.
Македонскиот вишоци на струја произведени од домашните енергетски капацитети беа откупени од албанската компанија по цена пониска од таа на најпознатата регионална берза УПЕКС, што предизвика критики во јавноста. Зошто тие ноќни вишоци да завршуваат кај компанија, која потоа заработува, продавајќи ја по повисока цена, а не кај домашни компании, реагираше и опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Како што соопшти Владата, од почетокот на 2023 година, односно во првите дваесет дена од годината Електростопанство на Македонија (ЕСМ) произведе и продаде вкупно 3.390 мегават часови електрична енергија како ноќни вишоци. Цената на продадената струја во одредени денови падна и под 100 евра за мегават час.
Од 3.390 мегават часови електрична енергија како ноќни вишоци продадени се 1.140 мегавати по цена од 103 евра по мегават час и 2.540 по цена од 98 евра по мегаватачас,
, информираше владиниот соработник за енергетика Виктор Андонов.
Тој рече дека тие количества се продадени во транспарентна постапка од страна на ЕСМ.
За илустрација, во исто време, на берзата УПЕКС во Унгарија на 20 јануари просечната часовна цена на еден мегават час електрична енергија изнесува 173,78 евра за мегават час.
За појаснување на јавноста, продадените ноќни вишоци на електрична енергија се произведени во термоцентралите на ЕСМ во периодот од 2 часот по полноќ до 8 часот наутро. Според објаснувањето на енергетичарите, термоелектраните имаат таков процес на работа, што не може да работат дење, а да сопрат ноќе. Тоа е континуиран процес и доколку се создаде неискористена енергија, тогаш се нуди на продажба.
Продажбата на вишоците струја предизвика полемики, кои одат во два правци – ако има вишок, зошто не се понуди на македонските компании, општините, институциите и второ зошто ова субвенционирано производство од владата, т.е. од сите нас граѓаните, зошто да се продава по поевтина цена од берзанската?!
Професорот Константин Димитров вели дека тоа е политика на Владата, бидејќи ЕСМ преку своето претпријатие за продажба ја спроведува политиката на истата таа Влада, која е негов сопственик.
Проблемот е зошто струјата се продава евтино. Зошто е тоа така, не знаеме. Државата дава многу пари за компанијата ЕСМ, која продава струјата на трговец, кој трговец се „дебели“ со наши пари, вели Димитров.
Прашањето за продажбата на ноќни вишоци на струја пред некој месец го покрена лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е поранешен директор на ЕСМ. Мицкоски тогаш рече дека ЕСМ распишало оглас за продажба на ноќни вишоци на струја (за периодот од 30 август до 6 септември) за 2.000 мегават часови (MWh), а истовремено албанската државна компанија КЕШ распишала оглас за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември за количина од 2.100 мегават часови.
Преку фирмата ќерка на главниот снабдувач на струја во албанската влада „Енер трејд“, компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје, овие вишоци биле продадени за 350 евра за мегават час, додека албанската државна компанија КЕШ струјата ја купила за 525,55 евра по мегават час.
Мицкоски пресмета дека со тоа била направена разликата од околу 10.800.000 денари, сума за која како што рече, се оштетени граѓаните на Македонија.
Кој е албанскиот трговец?
ЕТМТ е формирана како ДООЕЛ во 2021 година во Скопје, како дел од „Енер трејд“, од групацијата „Ѓонај“, од Тирана Албанија. Според системот за јавни набавки на Албанија, „Енер трејд“ последните години се јавува како прв трговец со струја на владините институции. Има уште три други компании во регионот и светот – ЕТМТ енерџи од Љубљана, Словенија, ЕТМТ ДОО Косово и ЕТМТ Енерџи од Малта.
Меѓу четирите компании на кои македонската Влада преку ЕСМ плати 1,1 милиони евра за увоз на струја за само 4 дена од 8-11 ноември 2022 година, беше и ЕТМТ енерџи, македонската фирма ќерка на албанскиот енергетски трговски лидер.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, одговарајќи на обвинувањата на опозицијата, рече дека ноќните вишоци се продаваат на јавна аукција, а цената ја формираат врз основа на добиените понуди. Купува тој што ќе понуди највисока цена.
Зошто не се продава на домашните компании?
Работата на ЕСМ е субвенционирана од Владата, според тоа, аргументите на опонентите е зошто овие вишоци не ги прифаќаат македонските големи компании, кои работат ноќе.
Како што појаснува ЕСМ, електричната енергија што во ноќните часови се јавува како вишок во македонскиот електроенергетски систем се понудува на пазарот преку ЕСМ Продажба. Како купувач може да се пријави секој субјект кој е на слободниот пазар: трговци, стопански субјекти, државни институции итн.
Прашавме неколку големи компании зошто не купуваат од ноќните вишоци струја. Од сите имавме идентичен одговор дека нема континуираност во снабдувањето и дека нивните ноќни потреби се минимални.
Има и аргументи зошто општините да не се јават како купувачи, па наместо ноќен мрак по улиците поради исклученото улично осветлување, граѓаните да добијат осветлени улици. Прашавме во Општина Штип, каде градоначалникот Иван Јорданов рече дека ноќе општинската потрошувачка е минимална, додека уличното осветлување е уредено со јавно – приватно партнерство и за снабдувањето со струја се грижи приватниот партнер.
Останува само уште работата на филтер станицата за преработка на вода, која е поголем ноќен потрошувач, но станицата е во состав на јавно – комуналното претпријатие, кое доби субвенционирано снабдување со струја, изјави Јорданов.
Сепак, на крај остануваат аргументите за цената на продадената струја, или како што вели професор Димитров, зошто „трговецот да се дебели со наши пари.