Иако законот ја дава можноста децата од предучилишна возраст да се згрижуваат и во втора смена, само во три градинки, две во Скопје и една во Куманово во моментов ја имаат организирано својата работа во две смени.
Причината како што велат од Министерството за труд и социјална политика е немањето на интерес од страна на родителите. Од 81 градинка во земјава, девет се со неисполнет капацитет. Анализите покажуваат дека најмногу децата од детските градинки се отпишуваат пред да преминат во поголемите групи. Додека родителите им се во странство, тука ги чуваат бабите и дедовците, за на училиште заминуваат со семејствата.
Да се работи и во втора смена во детските градинки не е новина од 2017 година, кога тоа беше ставено во законски рамки, туку долго време реалност во речиси сите поголеми општина во земјата. Во времето на социјализмот, за потребите на индустријата, во фабриките освен нови производствени капацитети се градеа и детски градинки каде што се згрижуваа децата на работниците и во прва и во втора смена.
Но времињата се променија, се наметнаа нови потреби и нови барања. Во Штип како град на текстилот во кој претежно се вработени жени пред 7-8 години се наметна проблемот со згрижување на децата во саботите. Градинките не работеа во сабота па родителите мораа да се снаоѓаат кој како знае и умее. Како наметнат проблем, во тој период од Општина Штип беше направена анкета главно меѓу конфекциските работнички, од која произлезе потребата градинките да работат и во сабота. Беше изработен пилот-проект за период од два месеци, со тоа што во еден од објектите на детските градинки да се организира згрижување на децата и во сабота. Иако имаше интерес на почетокот крајот на проектот не го покажа тоа.
„Првата сабота од двомесечниот проект беа згрижени шеесетина деца, но последната сабота биле донесени само шест деца. Имаше повеќе персонал од деца,“ вели актуелната директорка на детската градинка „ Вера Циривири Трена“, Ивана Ангеличкова.
Во Штип немало интерес од страна на родителите да се организира згрижување на децата во втора смена велат директорите на двете градинки. Работното време е адаптирано на потребите на работата на институциите и бизнисот. Имено децата се примаат од 6 до 16.30 часот, но по договор со родителите дежурен вработен останува најдоцна до 17 часот.
Потребата за двосменско работење на градинките за кратко стана непотребна
На шести септември 2017 тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска информираше дека во 13 градинки е воведена втора смена, а 20 работат во саботите и дека бројот ќе се зголемува како што ќе се овозможуваат услови и како што ќе се екипираат градинките.
Исто така беше посочено дека воведувањето на втора смена не зависи од бројот на позитивно изјаснети родители, што значи дека доколку и само едно дете треба да биде згрижено во втора смена, установата е должна тоа да го организира.
Некои од општините, како што е скопската Општна Карпош, тогаш (30.08.2017) информираа дека поради немање на соодветни услови и капацитети, градинките нема да бидат во можност да работат во две смени.
Од страна на СОНК, оваа одлука за двосменско работење на градинките беше оценета како избрзана и дека истите не располагаат со потребниот број на песонал, додека пак за опозицијата тоа беше само собирање на ситни политички поени.
Во 2018 година само пет градинки во државава работеа двосменски. Беа згрижени 190 дечиња.
Бројот на двосменските градинки се намалуваше со годините, пандемијата исто така си го направи своето, за да во овој момент во државата работат само три градинки, ЈОУДГ ,,Ангел Шајче” – Куманово; ЈОУДГ ,,Фидани” – Чаир, Скопје и ЈОУДГ ,,Раде Јовчевски Корчагин”- Центар, Скопје.
Во Фидани , се работи од 6 наутро до 18 навечер, а децата се организирани во три јазични групи, македонски, албански и босански.
Во Детската градинка „ Раде Јовчевски Корчагин“ втора смена е организирана во објектот „Пепелашка“.Во рамките на овој објект работат 7 воспитни групи од кои 1 хетерогена група втора смена. Всушност оваа градинка работи со дечиња од 6 часот наутро до 22 часот навечер.
Во Кумановската детска градинка „Ангел Шајче“, втора смена се организира веќе триесетина години
Детската градинка „Ангел Шајче“ која што располага со десет објекти и 62 групи ,згрижува деца од претшколска возраст и во втора смена повеќе од 30 години, вели директорката Марина Алексовска.
„Работата во втората смена ја организираме според потребите на родителите. Десетина деца се запишани само во втора смена, останатите ротираат од другите градинки по потреба. Обезбеден е персонал за опслужување на детските потреби исто како и во првата смена. Секако се одвива и потребната едукативна програма,“ додава Алексовска.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека сите капацитети во установите за деца во земјава се целосно исполнети, освен во објектите на детски градинки во Пехчево, Македонски Брод, Крушево, Вевчани, Ново Село, Јагуновце, Врапчиште, Зрновци и Конче.
Во штипските детски градинки во моментов нема одлив на деца по основ на заминување од државата, но анализите кои што се прават последниве години, говорат дека најчесто отпишувања има пред преминување во големите групи. Имено поради тоа што во странство згрижувањето на децата е доста скапо, родители ги оставаат децата кај нивните баби и дедовци, тука одат во градинка и пред да започнат во училиште заминуваат во странство со нивните семејства.
Од 2017 година до денес, информираат од Министерството за труд и социјална политика отворени се 75 објекти за предучилишно воспитание, а со тоа е зголемен опфатот за околу 5500 деца. Со буџетот на Министерството и Проектот за подобрување на социјалните услуги поддржан од Светска банка, во текот на 2023 година планирано е изградба, доградба, или адаптација на нови 22 објекти од предучилишно воспитание и образование.
В.Кр