Сведочејќи за пожртвуваноста на својата самохрана мајка Радмила, Станиша Станковиќ се амбицирал да направи сѐ што може за да се бори гласно и упорно за подобра позиција во општеството на децата од самохрани и еднородителски семејства.
Тој со целосна стипендија студира меѓународни односи во Белград за да може таа борба да ја води и преку својата идна професија. Лани во август доби награда за младинско учество од претседателот Стево Пендаровски, а неколку месеци подоцна јавно се обрати на протестот во Скопје каде 300 студенти од самохрани и еднородителски семејства побараа да бидат ослободени од партиципација за студирање.
За Станиша сепак ваквиот протест не бил доволен, па одлучил да поднесе претставка до Народниот правобранител. ММС тоа го искористи како повод за разговор со овој млад и упорен човек, кој низ својата животна приказна објаснува како е да се биде дете на самохран родител во земјава.
Која беше целта на поднесувањето претставка до Народен правобранител и што е наведено во овој документ?
-Веќе трета година се занимавам со правата на младите од самохрани и еднородителски семејства во Македонија. Поднесов претставка до Народен правобранител во која е наведено дека овие млади се исклучени од намалување на партиципација или финансиско олеснување при запишување на факултет. Ова олеснување всушност важеше со претходниот Закон за високо образование, но со измените од 2018-та година, тоа беше укинато.
Кој беше исходот, имаше ли реакција?
-Од Народен правобранител веднаш постапија и имаше реакција. Покренаа постапка, дојдоа до контакт со Националниот совет за високо образование и бев информиран дека ќе побараат нашето барање за ослободување од партиципација да биде вметнато или во правилник или во Законот за високо образование. До овој момент немаме официјален одговор од Народниот правобранител дали тоа ќе оди преку Министерството за образование и наука или преку Уредба по предлог на Националниот совет за високо образование.
Организацијата „Една може“ каде што и самиот си активист, соопшти дека на УКИМ и на УГД веќе има олеснување за студентите од самохрани и еднородителски семејства, а беше соопштено дека УКЛО тоа треба да почне да се спроведува од академската година 2023/2024. Која беше потребата овде да се вклучи и Народниот правобранител, дали претставката беше некаков механизам за студентите да добијат сигурност за вакво олеснување на долг рок?
-Ние како младинска група од организацијата „Една може“ се имавме обратено до универзитетските собранија и правобранители, а тие преку ректорските управи дадоа иницијативи и предлози да се направи ова олеснување за плаќање само на половина од износот за партиципација. Ова олеснување веќе беше воспоставено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова е втора година како УКИМ го дава тоа олеснување иако не е во Законот за високо образование, но сепак овој закон содржи членови коишто предвидуваат дека ректорската управа може по своја должност да направи олеснети студиски програми, да ослободи, да даде кофинансирање и слично. Во Штип ова помина и веќе се изгласа, а од УКЛО добивме одговор деќа ќе биде воспоставено за академската 2023/2024 година.
Ова е пред сѐ на сопствена волја на ректорските управи и секоја година одлуката треба да поминува на ректорската управа со цел студентите да се стекнат со оваа погодност. Со самото тоа, може да се случи некаде ваквата одлука да не помине (тоа досега сме го немале). Дополнително, студентите ја добиваат оваа поволност после запишувањето, а најчесто конкурсот се објавува во текот на студиската година. Воедно кога ќе се воспостави законска основа за намалување за сите (како со претходниот Закон за високо образование) студентите ќе бидат сигурни и пред уписот, значи ќе нема потреба од дополнителни иницијативи до студентските собранија, процес на гласање и одобрување. Намерно ги споменав ректорските управи на универзитетите, бидејќи сепак се работи за засебни одлуки. Очекуваме дека во 2023 -2024 нема да има проблеми и сето тоа ќе се реши законски.
Дали претставката ја поднесе како физичко лице или во одењето по тој институционален пат се обединивте повеќе млади во слична ситуација?
-Да, како физичко лице. Пред сѐ ја поднесов од лични причини, бидејќи гледам дека институциите на тој начин повеќе реагираат. Ние пробавме како неформална младинска група и неколку пати испративме иницијативи, но тоа се вртеше во круг од една до друга институција. Се одлучив овој пат да го одам како лично дискриминиран во однос на одредени членови од законот. Како иницијатива пробавме неколку пати и со точни рокови, но не добивме конкретен одговор. Лично мислам дека не треба да добиеме еден таков одговор од Национален совет за високо образование.
Што ќе значи ваквото ослободување од партиципација за студирање за младите од самохрани и еднородителски семејства, колку е тоа важно за нивниот развој како личности, но и за нивната иднина?
-Прво би сакал да напоменам дека многу често се мешаат поимите самохрани родители и еднородителски семејства. Самохран родител е кога другиот родител е починат, исчезнат, непознат, во затвор или му е одземено родителското право. Додека еднородителско семејство се однесува на разведени, невенчани парови. Ова семејство сѐ уште не е дефинирано кај нас во закон, а фактичката состојба укажува на тоа дека често другиот родител не ја исплаќа алиментацијата или воопшто не се грижи за детето. Оттука, да споменам дека Универзитетот „Гоце Делчев“ даде право и на студентите од разведени и невенчани парови да аплицираат за овој бенефит.
А што се однесува до другиот дел од прашањето ова и те како придонесува за едно домаќинство особено по пандемијата и сите животни трошоци кои се зголемени, доста придонесува. Тие се со ограничени ресурси и најчесто земаат семејна пензија која е во многу ниски износи, а понекогаш и воопшто не се зема таа пензија. Секако за еден млад човек е важно да има поддршка од државата, добива впечаток дека таа вложува во неговата иднина, а со тоа има и една сигурност. Можеби за некој 400 евра не се голема сума, но кога се работи за вакви групи граѓани тоа е многу значајно.