Загадувањето на животната средина е закана за човековите права, вклучително и правото на живот.
Изложеноста на опасни материи загрозува широк спектар на други права, меѓу кои правата на телесен интегритет, здравје и здрава животна средина – нотираше Комитетот за човекви права.
На загадувањето на воздухот веќе не се гледа само како на здравствен и еколошки проблем. Генералното собрание на Обединетите нации лани во август донесе историска резолуција со која се прогласува дека секој на планетата има право на здрава животна средина, вклучувајќи чист воздух, вода и стабилна клима. Иако не е правно обврзувачка, оваа резолуција би можела да се покаже како многу важна за заштита на планетата и нејзините луѓе, особено од аерозагадувањето, кое убива 7 милиони луѓе секоја година.
Кога станува збор за нашата држава, податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека со аерозагадувањето се поврзани една петина од смртните случаи. Несомнено со овој проблем се прекршуваат низа права на граѓаните. Но, дали и како тие може да ја бараат правдата? Какво е искуството на оние кои се охрабриле да го направат ова? На оваа тема ММС разговараше со Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, програмски координатор во Македонското здружение на млади правници.
Кога станува збор за загадувањето, докторите често алармираат дека тоа влијае врз нашето здравје, но од правен аспект дали и како тоа ги прекршува нашите човекови права? Дали тука може да зборуваме за непочитување на Уставот со оглед на тоа дека и таму се наведува правото на здрава животна средина?
-Секако ни го попречува уставно загарантираното право на здрава животна средина, а исто така и остварувањето на нашите права гарантирани со поголем број закони, како што се Законот за животна средина, Законот за квалитет на амбиентниот воздух и други. Правата (не само на здрава животна средина, туку правото на приватен и семеен живот, и други) се загарантирани и со конвенциите кои ги има ратификувано РСМ, како што се Архуската конвенција, Европската конвенција за заштита на човековите права, која ѝ е повеќе позната на јавноста, и други.
На кој начин граѓаните можат да ѝ се спротивстават на државата, кои правни механизми им стојат на располагање и дали може да ви се обратат за помош од стручен аспект?
-Од стручен аспект МЗМП може да ги посоветува и да им помогне, во смисла на правен совет, информации или поддршка на определена постапка доколку сметаме дека има основ и докази. МЗМП поддржа и води неколку постапки против државата, односно против надлежните. Конкретно, пред Граѓанскиот суд во Скопје, ние (МЗМП) како тужители со уште едно физичко лице водевме постапка за аерозагадувањето, во која баравме да се утврди повреда на повеќе права, како и да се определат одредени задолжанија. Постапката заврши неповолно, судот не навлезе во решавање на основаноста на тужбеното барање туку тужбеното барање беше отфрлено од формално правен аспект. Таму воопшто не се навлезе во суштината на спорот. Во моментот е поднесена апликација пред Европскиот суд за човекови права. Исто така поведовме граѓанска постапка пред Основниот суд во Битола за аерозагадувањето во Битола. Оваа постапка првостепено заврши неповолно од формално правен аспект и сега е пред Апелациониот суд Битола.
Граѓаните може да се обидат меѓутоа очигледно дека судовите немаат волја да одлучуваат по ова прашање.
Кои беа аргументите на Скопскиот граѓански суд за да ја отфрли тужбата за аерозагадувањето?
-Аргументите беа околу правниот интерес, правниот однос, примената на законите и конвенциите во конкретниот случај. Решението на Судот во Скопје беше обемно кога станува збор за отфрлање, правно сложено образложено, но без да се одлучува за суштината/меритумот на спорот. Аргументите не беа во однос на тоа дали државата не преземала нешто, односно Судот не навлезе во утврдување на повреда на правата, туку одеше на образложување на тоа дали имаме или немаме правен интерес, дали треба или не треба да бараме надомест на штета, дали треба да се поднесе тужба пред друг суд, дали може да се примени ЕКЧП и слично.
Според Вас, со ова искуство што сте го имале низ македонските судови кога се во прашање постапките за аерозагадувањето, каква порака испраќа судството во однос на нашето право да живееме во почиста околина? Може ли да зборуваме за затајување или незаинтересираност?
-Не знам дали може да зборуваме за незаинтересираност, судовите одлучуваат според своето слободно судиско уверување. Тоа е нивно право како судии. Но, можете во едно образложение како што наоѓате обемна аргументација да отфрлите едно тужбено барање, барем во одреден дел да се потрудите правнички да навлезете во суштината на спорот и да одлучите позитивно. Мислам дека се работи за недостаток на волја, можеби за материја за која нема посебна пракса во државата. Оваа пракса ја почнавме ние, а има и други колеги адвокати кои водеа управни постапки. Дел од тие постапки исто се неповолно завршени. Имам сознанија за една постапка во која се разликува одлучувањето, а се однесува на правото на здрава животна средина.
Каква беше таа одлука?
-Првостепената одлука беше неповолна, слична на онаа од Основниот суд во Скопје, но Апелациониот суд ја врати назад постапката. Не знам до каде е бидејќи немаме конкретни информации. Има неколку адвокати и граѓани кои се охрабриле да водат вакви постапки, не се во голем број. И според нас, постои повреда Европската конвенција за заштита на човековите права, пристапот до правда на некој начин е оневозможен, односно нема постапка во која јасно можете да барате заштита на ова право.