Понекогаш на човек најдобро може да му помогнете ако се ставите во негови чевли, а младата Теодора Трајковска од Скопје најубаво знае како е срце планина да биде сместено во мало тело. Газејќи по трња, животот ја принудил предвреме да созрее, дотолку повеќе што тешките денови од детството ѝ го трасирале патот понатаму и сега, кога веќе има 23 години, безрезервно им помага на дечињата болни од рак, но и на нивните родители.
Теодора е дел од волонтерите на Детската клиника кои со своите животни приказни инспирираат и ги бодрат малите борци да стигнат до моментот на ѕвонење на ѕвончето кое го означува крајот на тешкото поглавје. Како таа ги поминувала деновите во болничките соби кога имала лимфобластна леукемија и на кој начин своето искуство го користи за да им помогне на најмалите со канцер, Теодора искрено раскажа за Македонски медиа сервис.
Многуте игри, трчањето и „палавштините“ биле причината поради која Теодора Трајковска не ги сфаќала сериозно модринките по своето тело. Таа зима во 2009-та година, со своите десет години, девојчето многу наивно гледало на промените кои се случувале, без да знае дека зад нив се крие болест која ќе го направи семејството посилно од кога било.
„Првите симптоми кои ми се појавија беа модринки на нозете, но јас бидејќи бев дете не им обрнував внимание. Детството си налага паѓање, удирање и слично, но со тек на време моите родители забележаа дека тоа не се класични модринки од удар, туку беа мали. Тоа беше првиот аларм кој наговести дека треба да се упатиме на лекар за да се види за што се работи. Беше дијагностициран канцер, лекувањето ми се одвиваше девет месеци и целосно се лекував во Македонија“, ја почнува Теодора својата приказна.
Нејзините родители прво ја однеле кај нејзиниот матичен лекар, кој се посомневал дека се работи за нешто посериозно, бидејќи и крвната слика покажала прениска вредност на тромбоцитите. Иако некои спомени веќе избледеале, Теодора јасно се сеќава дека тоа било петок, а следниот ден се упатиле на Детската клиника. Таму ги примила докторката Билјана Чонеска која всушност подоцна ќе стане и главен хематоонколог во лекувањето на Теодора.
„Потоа во понеделникот веќе бевме примени во болница и почнавме со испитувања. За среќа лесно се откри дијагнозата и потоа бев хоспитализирана и почна процесот на лекување“, додава нашата соговорничка.
Поради возраста, родителите не можеле точно да ѝ доловат за што се работи, но ѝ објасниле дека ќе треба подолго време да биде во болница и да биде добро.
„На некои работи не можам да се сетам бидејќи многу години се поминати, но пред некое време со мајка ми ја отворив темата како ми соопштиле дека се работи за леукемија. Додека сме биле во болница на телевизија имало некоја девојка која исто така се борела со леукемија и ја извојувала таа битка. Во тој момент мајка ми ми кажала дека и јас се борам со таква болест и дека и јас ќе извојувам победа исто како и девојката“, раскажува Теодора.
Нејзиното лекување се состоело од хемотерапија и терапија со радиозрачење, процес кој траел девет месеци. Во тој период таа била далеку од своите другарчиња и од училишните клупи, но нејзините врсници не дозволиле таа да биде осамена. Безброј цртежи со убави пораки пристигнувале до малата Теодора, која паралелно стекнувала нови пријателства на Детската клиника.
„Најтешко ми падна губењето на косата, тоа беше олицетворение на мене, премногу ја сакав. Сепак родителите ми кажаа дека подобро е тоа да се случи за да ми порасне поубава коса и така ми ја ублажуваа косата. Си поставував прашања зошто морам да седам во болница, зошто не сум со другарчињата, но родителите психички ми помагаа тоа да го поминам добро. Другарчињата од одделението постојано беа до мене, иако не беа физички присутни. Ми праќаа подароци, цртежи за да останам храбра во тој процес на лекување. Бев љубопитна и ги прашував докторите кога ќе си одам дома. Тоа прашање кога ќе си одам дома беше најчесто поставуваното прашање бидејќи сепак ми недостасуваше домашната атмосфера и тој нормален свет“, посочува Теодора.
Несомнено болеста го засегнала целото семејство, па додека таа била во болница со својата мајка, помалата сестричка била дома со таткото.
„Јас тогаш не можев да сфатам за колку тешка болест се работи и колку на нив им е тешко. Родителите беа столбот кој ме држеше. Во однос на училиштето бевме многу компатибилни, а во тој период кога се лечев во болницата имаше и наставничка и со неа го надополнувавме тоа што го пропуштавме. Наставничките ми праќаа тестови, материјали и јас тоа со наставничката го поминував со цел да не заостанувам зад моите соученици. Таа наставничка беше редовно вработена на Детската клиника“, додава храбрата девојка.
Таа тогаш била четврто одделение, но во училишните клупи се вратила во шесто. Вели дека поради тешките терапии имунитетот често ѝ паѓал, па дури некои од терапиите ги примала одложено додека да закрепне.
Денес благодарение на социјалните мрежи јавноста може да посведочи на бесценетиот момент на среќа кога децата кои добиле дијагноза рак ѕвонат на ѕвонче непосредно пред напуштањето на болницата. Ја прашавме Теодора дали и таа вака гласно го означила крајот на лекувањето. Сепак, таа вели дека тогаш ја немала ваквата пракса, но потоа имала можност да присуствува на неколку такви ситуации со други деца.
„Тогаш немаше ѕвонче за да го означиме крајот на болеста, но тој момент го одбележавме интимно со фамилијата. Во тој момент кога излегов од болница радоста беше неизмерна и тоа не може да се долови со зборови. Присутна сум била на такви моменти кога детенце удирало на ѕвончето и радоста е неизмерна да знае детето дека повторно ќе се интегрира во општеството и дека е здраво, што е најважно“, додава таа.
Она што таа го поминала во детството, денес Теодора им го раскажува на малите борци на истата Клиника каде што таа поминала многу денови и ноќи, а тоа го прави заедно со други млади кои имале рак кога биле деца.
„Волонтирањето на Детската клиника е едно од најубавите нешта кои ми се случиле во животот. Пред да почне ковид пандемијата со децата комунициравме лице во лице, нивните насмевки, зборови, се доказ дека ги усреќуваш. Ние со нив си играме, цртаме заедно и тоа е чувство кое не може да се опише“, раскажува таа. Теодора вели дека ваквото помагање ѝ носи голема сатисфакција, па дури и дечињата знаат да ѝ измамат насмевка, како и таа ним.
„Кога јас се лекував немавме волонтери од овој тип кои нè посетуваа. Јас сега можам да разговарам со нив и да си ја отворам душата, полесно ми е да ја раскажам својата приказна на некој на којшто со тоа ќе му биде полесно, а така верувам дека и тие на мене со нивната приказна ми помагаат“, смета Теодора.
За жал, таа вели дека пандемијата го променила и начинот на функционирање на таканаречената Родителска куќа во кругот на Детската клиника, па наместо две или три семејства истовремено, сега таму е дозволено да се смеси едно семејство. Меѓутоа, новото „нормално“ не ја спречува и понатаму да шири позитива меѓу малите јунаци.
„Моето искуство се совпаѓа со искуството на децата кои се лекуваат. Во текот на лекувањето ми беше понуден психолог, но јас тој збор го поистоветував со психијатар и не сакав да зборувам. Поблиско ми беше да разговарам со моите другари отколку со психологот. Исто и децата кои се лекуваат сега сакаат да зборуваат со некој што е поблиску до нивната возраст, така полесно ги прифаќаат советите. Друго е кога некој ќе ви пријде пријателски, а друго е некој во бел мантил. Децата тоа го поистоветуваат со боцкање и болнички работи, а ние пристапуваме другарски и тоа е клучно во нашиот однос“, додава Теодора.
Таа нагласува дека поради коронавирусот не е дозволено волонтирање на Клиниката, но токму благодарение на новите технологии пружењето помош и поддршка сепак е лесно.
„Најчесто нашата комуникација како волонтери се одвива лице во лице само со пациентите и родителите кои се во Родителската куќа, бидејќи откако почна пандемијата не ни е дозволен престој на Детската клиника. Исто така и онлајн комуницираме, како со децата така и со нивните родители. Тоа ни е најбезбедна опција. Во Родителската куќа сега помалку престојуваат родители и деца, бидејќи потребен е негативен ПЦР тест, исто така големи се трошоците. Таа е бесплатна за родителите и децата на Хематоонколошкиот оддел, но побезбедна опција е да доаѓаат и да си одат. Доколку пред короната се сместуваа по две или три фамилии истовремено, сега е дозволена само една фамилија“, вели Теодора.
Всушност, поради искуството кое го доживеала таа ја засакала медицина дотолку што ја одбрала за своја професија. Денес оваа 23-годишна девојка е дипломирана медицинска сестра, со што би се отвориле повеќе можности за да им помага и на возрасните со здравствени проблеми, а не само на најмалите. Во слободно време се занимава и со графички дизајн и се дружи со останатите млади со кои поминале низ пат исто толку трнлив како нејзиниот. Својата приказна Теодора ја раскажува јавно за да ја зголеми свеста за детските малигнитети, а ние ви ја пренесовме по повод Светскиот ден на децата со канцер.