Вистинска уметност со сладок вкус создава Лила Мицовска од Кочани. Оваа педесет и осумгодишна жена прави ремек дела од своите десерти, на кои може да позавидат и професионалните слаткари. Вредната Лиле успева во тоа со една рака, како што успева да биде активна и на полето на спортот, а паралелно произведува органски зеленчук и ужива во стоте цвеќиња кои ги одгледува, внесувајќи разнобојност во своето секојдневие. Доаѓањето до мир и спокојство, за Лила воопшто не било лесно.
Патот дотаму бил поплочен со низа предизвици почнувајќи од нејзиното детство кога некои врсници не сакале да си играат со неа, до самохраното родителство и воспитувањето на синот Кристијан, кој сега е магистер и работи во Англија.
Својата инспиративна приказна, оваа храбра жена ја раскажа за читателите на Македонски медиа сервис порачувајќи дека граѓаните со попреченост треба да бидат активно вклучени во сите сфери на општеството.
Родена сум со една рака и цел живот го поминав во докажување. Докажував дека можам сѐ да направам, дури и кога децата со кои живеевме на иста улица не ме пуштаа да си играм со нив. Веќе се изморив. Имам речиси 60 години и немам што да докажувам. Јас не признавам „не можам“, тоа кај мене не постои – вака Лила Мицовска ја почнува својата животна приказна.
Кога била прво одделение, ја добила и својата прва протеза направена во Скопје. Радоста за новото раче кратко траела, бидејќи децата ѝ префрлале дека има дрвена рака. Така, одејќи си накај дома по еден мост, Лиле ја фрлила протезата в река. Таа не носела протеза сѐ до летниот распуст по завршувањето на седмо одделение. Во тој период Лиле била сместена во еден ортопедски завод во Белград, каде имало деца од сите земји на Југославија. Љубовта кон готвењето ја стекнала од мајка си уште од мали нозе.
„Баници не правам, но месам вкусни кифли, правам и добра баклава. Мајка ми ме научи и да шијам, таа виде дека можам сѐ и јас си ја средував куќата. Готвам уште од петто одделение. Како дете нижев и тутутн, многу бев вредна. Мајка ми кога ќе си дојдеше од работа дома беше чисто и ручекот веќе беше направен“, се сеќава Лиле на своите детски денови.
Средното образование го завршила во Кочани, па како некој кој ужива во дружбата со книгите, се запишала на Филолошкиот факултет во Скопје. За време на третата година од студирањето Лиле забременила и ги напуштила студиите. Бракот кој го склучила со таткото на бебето траел само два месеца. Предрасудите им ја расипале љубовта. Неговите роднини не прифаќале, како што велеле тие, „снаа инвалид“. Лиле не се поколебала во одлуката да стане мајка и наместо да абортира како што тие ѝ настојувале, таа се вратила кај своите родители.
„Родителите ми дадоа спрат од куќата, но баш на тој спрат немаше вода. Си го родив Кристијан и детето го пораснав без вода, тогаш немаше памперси, немав перална, па носев вода со кофи. Тоа беше тежок период, но успеав да си го исчувам детето“, раскажува Лиле.
За да си олесни самата на себе, таа решила да научи да вози автомобил и така да го носи Кристијан во градинка. Еден доктор сепак бил скептичен и настојувал дека таа ќе мора да вози прилагодено возило.
-Му реков, ајде докторе седнете со мене да ве однесам до Осогово. Го однесов, се вративме и рече ти ќе бидеш беспрекорен возач и така е. Јас 31 година возам. Тогаш едвај успеав да си купам едно Фиќо го возев детето во градинка од 9 месеци – додава Лиле.
Во тој период таа работела во локалната стоковна куќа. Била продавачка цели десет години.
Тогаш производите се завиткуваа во хартија, немаше ќеси, но издржав. Потоа го зедов под наем првиот кат од стоковната куќа и работев шест години приватно со текстил, вработив 4 жени од „Нова трговија“, им давав плата. Во бутикот имав секаква облека – детска гардероба, долна облека за возрасни, хулахопки… Јас одев по роба во Турција и во Грција, во тоа време – се сеќава Лиле.
Работата почнала сѐ повеќе да ја исполнува, па таа отворила и моден салон
„ Шиевме и по нарачки, за пола саат се шиеја панталони. Додека се напијат кафе, панталоните беа готови“, додава Лиле.
„Одев на работа и во стоковна куќа и во модниот салон и веќе стануваше неиздржливо. Кога ја купија стоковната куќа се преориентирав. Бидејќи многу сакам животни си отворив продавница од тој тип. По роба одев во Суботица и до таму си одев сама со автомобилот“, раскажува нашата соговорничка. Паралелно успеала да го школува својот син, кој е магистер по правни науки.
„Јас го учев да им помага на луѓето. Сакав да е добар човек и сега кога е во Англија ако оди некој од тука, тој му помага, го сместува кај него. Доволно е да му речат биди жив и здрав“, истакнува вредната Лила.
Паралелно низ годините таа се вклучувала во разноразните активности организирани за граѓаните со попреченост. Редовно учествува на тортијадите, а дел е и од спортските активности. Особено сака да игра пинг понг, но се натпреварувала и на полето на атлетиката. Медалите кои ги поседува се сто на број и тие ја красат нејзината канцеларија во Здружението на телесни инвалиди. Во ова здружение таа работи како технички секретар од минатата година, откако претходниот заминал во пензија, а продавницата за производи за животни ја затворила.
„Имаме тортијади на ивалиди кои се одржуваат во Струмица. Тоа е традиционална манифестација од 90-та година и јас морам да бидам меѓу првите 3. Прашував што не ми беше јасно, прашував слаткари што да купам, како да го направам . Со идеи сум полна, но сакам традиционален стил на готвење, правам „ајвар-торта“, „жетварка-торта“.Торти правам и за дома, правам погачи за слави за празник. Погачата ако треба 2 дена ќе ја правам, но ја правам да и’ се радувам. Тортата „ајвар“ тежеше десет кила.
Дома имам соба со тие стари работи, ковчези, черги шарени. Таму уживам, имам и 200 саксии цвеќиња. Сакам сѐ што е убаво и шарено“, вели Лиле низ насмевка.
Пред пандемијата уживала во честите дружби, особено во собиранките кои ги организирале во Охрид, каде се одржуваат натпревари за лица со телесна попреченост. Лиле исто така, е и неколкукратен победник на државното првенство во пинг понг.
„За пин понгот имав тренери, тоа беа млади професори од гимназијата во Кочани. Професорите по физичко образование ме учеа, откако претходно вежбав во пингопонгарските клубови, па потоа и основав ваков клуб во Кочани. Јас бев дел од управниот одбор и цело време играв со машки, бидејќи немаше женски заинтересирани. А кога станува збор за атлетиката се имам натпреварувано во фрлачките дисциплини ѓуле, диск и копје“, додава Лиле.
Пандемијата ги ставила акивностите на „стенд бај“, но сепак на Лиле ѝ е исполнет секој нов ден
„До лани јас речиси никаде не одев без протеза. Во продавницата кревав вреќи по 20 килограми, а од лани си одам така комотно. На луѓето им е чудно кога ќе ме видат без протеза, но тоа е туѓо тело и претходно кога ја носев ми тежеше, ми стануваше жешко. Ја носев само на работа, но при правењето на тортите ми смета. Дури и кога шиев, тоа го правев без протеза, па и спортував без неа. Си работам на компјутер и убаво ми е. Претходно носев само долги ракави, немаше гардероба за мене летно време. Треба да си комотен, затоа ја носам кога излегувам, на свадба, ручек, вечера а дома ја тргам и дишам слободно“, посочува Лиле.
Таа вели извесно е дека до септември ќе ги нема вообичаените активности организирани за лицата со телесна попреченост, но со огледна тоа дека Тортијадата се одржува наесен, можно е таа да се организира во зависност од ситуацијата со вирусот.
Во меѓувреме, оваа инспиративна жена го живее животот со полни гради во друштво на својот партнер со кој се заедно веќе седум години.
„Го терав син ми да одиме на одмор, но тој веќе порасна и ми реч мамо, најди си некој. Во меѓувреме се запознав со сегашниот сопруг, еден на друг сме си поддршка и со него продолжувам во животот понатаму. Мислам дека јас една добра лекција сум им одржала на луѓето во Кочани , барем на тие што ме знаат. Кога дојдов кај мажот ми во нова средина имав нови комшии и успеав цело маало да ги заразам да одгледуваат цвеќиња. Цвеќињата се раскошни, тоа ми е како терапија. Јас не пијам дијазепами, ни ништо. Одгледуваме три декара лозје, имам и пипер и компири, си копам, сѐ ми е органско. Сама си купив нива за да излеземе таму и да си посадиме патлиџани, тикви, брокула. Нивата од лани ја имаме. Сега цело време сме таму и едвај чекам таму да одам“, раскажува Лиле, а особена радост и’ носи нејзиното пекинејзерче Пепа.
Денот на Лиле ѝ почнува во шест часот наутро, а вели дека е активна се’ до полноќ. Сепак нејзиниот син премногу ѝ недостига.
„Многу сакам да се ожени, да добијам снаа и внуци и ќе биде цело се’. Седум години е во Англија и кога почнав да работам во канцеларијата тој од таму ми се јавуваше да ми каже како да фотокопирам, да печатам. Уште од мал велеше дека сака да порасне за да може да ми помага“, додава Лиле.
Таа го срушила катот од куќата на нејзините родители во селото Оризари, а потоа изградила нов од 120 метри квадратни. Новиот кат го реновирала и со нов мебел за својот син, но во моментот таму не живее никој, бидејќи Лиле се преселила кај сопругот.
„Јас се посветив на синот додека да го школувам, му направив спрат од куќа , толку можев да постигнам“, додава таа.
За да стаса до овде, морало да поминат 40 години. Толку време и’ било потребно на Лиле за да престане да се лути на самата себе.
„Пишував поезија на времето, сакам да читам книги. Го читав Фројд доста време, сите книги негови ги имам. До 40- годишна возраст не можев да си дадам објаснување сама на себе, бев несреќна, лута на себе, а сега велам фала на Господ. Се помирив со мојата ситуација, додека не се помири човек не е среќен. Се сакам каква што сум, ширам позитива. Бев како сите да ми се виновни, сега сите ги сакам , како друга личност да сум . Толку години се измачував сама себе, длабоко во себе се биеше битка во мене. Јас сум добра каква што сум“, најпосле признава таа.
„До 40 години не можев да се помирам со мојата инвалидност, ми требаа 40 години и го обвинував Господ, се прашував зошто баш јас? Си мислев ако не беше така, можеби ќе свирев гитара, ќе играв кошарка. Сакав работи кои ги сакаа младите, но се пренасочив. Криво ми е што не влжив повеќе во мене, но морав и детето да го раснам и куќа да правам, сакав во спортот да постигнам повеќе резултати, да добиев стипендија, но сепак мислам дека ги надминав сите препреки“, додава талентираната жена.
Таа апелира дека сите треба да бидат против дискриминација.
„Јас сум против дискриминација и тие неприфаќања не можам да спијам после. Животот го поминав за да докажам дека сме исти како сите други, може кај некој има разлика во зборувањето, во одењето, но овие лица размислуваат свесно и трезвено“, додава Лиле која со нетрпение очекува повторно да се организираат настаните на кои таа се дружи со својата заедница.
Вели преку тие дружби се случиле многу љубовни приказни.
„Има семејства во кои и двајцата партнери се во колички, тие се среќни еден со друг, си оформија семејства, децата им пораснаа“, додава Лиле.
Синот вика јас ја имам најспособната мајка. Животот е убав кога си имаш семејство покрај тебе, не е толку тешко – заклучува Лиле, чија најголема животна сатисфакција е ставот на Кристијан дека ја има најспособната мајка.