Секој ден е празник на љубовта за Благица Паризова (36) и Александар Атанасов (40). Веќе четири години со почит и слога ја испишуваат својата љубовта приказна, која почнала во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака“ во нивниот роден Штип. Благица има потешкотии со движењето, но вели кога го држи својот сакан за рака, може да го прошета целиот град. За ММС таа ја раскажа нивната љубовна приказна, порачувајќи дека љубовта е голема инспирација и може секому да му даде сила за да ги оствари своите желби и соништа. Со неа разговаравме пред да му заврши работното време на Александар, односно пред да отидат во еден од нивните омилени ресторани во центарот на градот за да ја чести сладолед, нешто што често го прават пополнувајќи го слободното време.
„Рајска убавина е секое цвеќе што цвета, тоа е како нашата љубов. Ако го сакаш и одгледуваш ќе процвета, а ако го оставиш ќе овене. Тогаш и небото ќе се натажи и градината ќе се исуши. И љубовта е иста, таа се негува со среќа и убави зборови. И љубовта е рајска убавина, зависи каква ќе си направиш, таква и ќе ти биде“. Ова се дел од стиховите преку кои Благица на хартија ги има ставено своите емоции кон човекот за кој вели, дека е нејзина најголема поддршка. Веќе четири години таа со Александар ги споделува своите среќни моменти и исто толку долго, тој е нејзино рамо за плачење.
Се запознале случајно како корисници на Дневниот центар за лица со попреченост Порака – Штип. Решила таа да го направи првиот чекор, па го поканила на средба.
„Тој дојде, некако што знам ми беше симпатичен си викам чекај ќе се запознаам со него. Го прашав дали има профил на Фејсбук и ми кажа дека има, па му пратив покана за пријателство. Го прашав дали има девојка, ми кажа дека нема. Го прашав дали сака да има, ми рече дека сака“, раскажува Благица низ насмевка сеќавајќи се на љубовните почетоци.
Отворено му признала дека и’ се допаѓа, па тој и’ кажал дека и таа нему исто така.
Благица уште од дете има проблеми со нозете, особено со левата нога. До Центарот ја носи татко и’, а попладневните часови се резервирани за прошетките со Аце. Нејзиниот проблем се влошил пред седум години кога таа ја изгубила мајка си, па и стресот си го направил своето.
„Со Аце постојано шетам. Се’ сум за рака. Нозете ги завлекувам, имам поголем проблем со левата нога, морам да одам се’ за рака“, вели Благица.
Нејзиното момче работи во перална за автомобили и веќе не оди во Центарот.
Таа со своите другарки таму црта и пишува, но како што вели, со душа чека да дојде 16 часот бидејќи тогаш Аце завршува со работа, а крајот на работните обврски значи дека тој ќе дојде во нејзиниот дом за да го испијат попладневното кафе.
„Шетаме на Суитлакот, на патеката покрај Брегалница, во населба Пребег… Кога шетаме седнуваме и да одмориме, па потоа Александар ме испраќа до дома“, ни сподели Благица. Александар исто така има проблем со нозете, но не толку изразен како нејзиниот. Токму поради тоа, кафето го вари Благица, но од кујната до дворот каде што го пијат, го носи Александар.
На седенките често им се придружува нејзиниот татко, а запознавањето со него, Александар го дочекал со нетрпение.
„Кога се запознавме на почетокот му реков на татко ми – јас се запознав со едно дете. Вика добро, како се вика? Му кажав. И така некако рече дека може да дојде. Јас му реков на Александар дека ќе може од утре да доаѓа и кај нас дома да пиеме кафе. Александар беше многу радосен, вечерта сакаше да дојде веднаш со велосипедот. Јас му реков како така уште сега, утре ќе дојдеш. Тој немаше трпение, му беше интересно“, се сеќава Благица.
Вели дека и татко и’ и нејзините сестри од кои едната е во Словенија, а другата во Скопје, се радуваат штом таа е среќна.
„На Аце секој ден му раскажувам за спомените со мајка ми, најубавите спомени ми се со неа. Со душа чекам да дојде 16 часот па да се симнам во дворот, да си играм со моето кученце Нора и тој доаѓа. Секој ден „иста песна“ е, но таман работа да ми пречи. Дома имаме скали, но има ограда и не ми треба толку помош. А каде што нема ограда не можам да се движам сама и сама да одам на долги прошетки. Аце полесно се движи, па ние сегде одиме фатени за рака. Ни на долга ни на кратка прошетка не одиме без да бидеме фатени за рака. Одиме во кафулињата низ градот. Интересно ни е“, вели Благица.
На иницијатива на психологот во „Порака“, таа почнала да пишува поезија, а најголемиот дел од песните и’ се посветени на нејзиното момче. Вели дека понекогаш и тој знае да напише нешто за неа, но со нејзина помош.
Тие никогаш досега немаат отидено на одмор, па сега во септември ќе одмораат на плажите во Охрид. Благица и Аце всушност на крајот од ова лето ќе го имаат првиот заеднички одмор. Дотогаш поради екстремните температури, Благица оди во Дневниот центар само по два часа, за разлика од претходно кога останувала и до 14 часот. Таму научила да го прави и омилениот десет на Аце – „бомбици“ со банана и бисквити. Тој пак, често и купува подароци, а најчесто фустани во кои таа со задоволство се дотерува.
Благица вели дека секој ден им е Свети Валентин и за да ја слават љубовта воопшто не е потребно да чекаат да дојде февруари.
Со оглед на тоа дека таа го преземала првиот чекор, вели: „Јас го направив тоа што тој требаше да го направи“.
На сите им порачува да веруваат во љубовта бидејќи кога-тогаш ќе ја најдат.
„Сите луѓе треба да работат на остварување на своите желби. Особено лицата со попреченост – некој од нив умее убаво да црта, друг да пишува, секој си има свој талент или своја дарба. Но заедничко е тоа што тие умеат да сакаат со чисто срце“, заклучува Благица.