Здружението на историчарите на Република Македонија, по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска денеска упати реакција во која се нотирани, како што велат, редицата пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла.
Од Здружението најавуваат дека во најскоро време до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.
– Како професионални историчари и членови на Здружението на историчарите на Република Македонија реагираме по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, во кој се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации. Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации, се вели во реакцијата од Здружението на историчари на Република Македонија.
Во реакцијата, нагласуваат од Здружението, се изнесуваат само неколку од многуте недостатоци во наставната тема број 3 во учебникот насловена како „Праисторија и историја“ и напоменуваат дека ова се само дел од забелешките кои ќе бидат интегрирани во опсежната критичка анализа која ја подготвува Здружението на историчари на Република Македонија и која во најскоро време ќе ја достави до Министерството за образование и наука, со барање да го повлече учебникот од употреба. Истото, потенцираат од здружението, се однесува и на Концепцијата за основно образование, чијшто продукт е самиот учебник, кој е заснован на новата наставна програма.
-1. „Стариот/ античка историја век е историски период кој започнал со пронаоѓањето на првото писмо а завршил во V век пр.н.е.“ (стр. 113)
Ова е погрешен податок, според кој почетокот на средниот век, во суштина, се поместува 10 века поназад. Имено, средниот век започнува со големите преселби на народите во V од н. е. Според она што го навеле авторките, средниот век во историјата започнува со Грчко-персиските војни. Понатаму не постои нешто наречено „Стариот/ античка историја век“, бидејќи античката историја е, впрочем, само еден дел од она што се нарекува историја на стариот век.
- „Почетокот на новиот век/ модерната историја започнува со откривањето на парната машинаа историски завршува со почетокот на Првата светска војна.“ (стр. 116)
Новиот век не започнува со пронаѓањето на парната машина во XVIII век. Новиот век, во согласност со академскиот консезус во Европа, започнува со појавата на печатницата на Гутенберг и со ренесансата, којa ги црпи основните идејни постулати од средновековието.
- Во самиот вовед на делот за археологијата се имплицира дека најстарите локалитети се од металните времиња, што не е точно, бидејќи еден од најзначајните периоди кај нас е каменото време. При споменувањето на Кокино, постојано се повторува „градба“ и „изградено“ (стр. 145), а, всушност, се работи за природна карпа која е секундарно обработена. Во однос на Хераклеја се вели дека „основан е во VI век пр.н.е.“ (стр. 149). За тоа не постојат никакви докази (археолозите овој град го определуваат хронолошки во IV или пак во II век пр. н. е., но во никој случај во VI век пр. н. е.). Воедно, се констатира дека Хераклеја била колонија, без, притоа, да се прецизира што претставува тоа, односно чија колонија била. Кај Самуилова тврдина се вели дека „најголемиот дел од ѕидовите и кулите датираат од времето на царот Самуил“ (стр. 151), иако археолозите сметаат дека остатоците од денешните ѕидини се од подоцнежен период. Исто така, авторките наведуваат дека во близина на Самуиловата тврдина се наоѓа „амфитеатар“ (стр. 151), што не е точно, бидејќи станува збор за антички театар.
- Никола Тесла изумител на електричната енергија.“ (стр. 116)
Истражувањето и откривањето на електрицитетот има своја историја, која започнува со старогрчкиот филозоф Талес од Милет. Никола Тесла, историски гледано, ја има заслугата за креирањето услови за користење и производство на наизменичната струја.
5. „Марија Кири – полска научничка добитничка на две Нобелови награди за наука.“ (стр. 116)
Марија Кири двапати ја добила Нобеловата награда, и тоа за хемија и за физика. Не постои „Нобелова награда за наука“.
- „Откритието на тркалото исто така придонело за побрз развој на заедниците во кои живееле праисториските луѓе. Тркалото од каменото време немало некоја позначајна улога врз развојот на општеството, бидејќи го користеле како тркало за изработка на глинени садови.“ (стр. 105)
Откривањето на тркалото претставува едно од првите човекови открија кое го олеснило живеењето на тогашниот човек. Вака конструираната констатација на авторките е конфузна и нелогична.
- Табелата наменета за потсетување на учениците (стр. 118) содржи погрешни описи како резултат на претходно изнесената погрешна периодизација.
- „Египетскиот календар е лунарен.“ (стр. 120)
Египетскиот календар е, всушност, соларен.
- „Асирскиот календар е лунарен календар.“ (стр. 121)
Асирскиот календар е лунисоларен. Тука може да се констатира и фрапантно непознавање на темата за која пишуваат авторките. Имено, наставната содржина е наменета за календарот на Асирското Царство, во кое се користело клинестото писмо. Табелата во која се претставени месеците и нивните имиња, всушност, е напишана на сириски абџад и претставува календар кој го користат современите Асирци, при што тој е и обратно поставен. Сирискиот абџад се пишува од десно кон лево, додека прикажаното на табелата е пишувано од лево кон десно.
- Римскиот колосеум „потекнува од пред 72 година од н. е.“ (стр. 141)
Изградбата на Колосеумот започнала околу 72 година од н. е. и била завршена за осум години.
- Дадени се прикази на Роза Луксембург и на Мартин Лутер Кинг (стр. 44–45), во кои не се зборува за нивното дело, туку се истакнуваат само нивните морални и лични карактеристики.
- „Наша ера, нова ера“
Во учебникот на различни страници се користат термините „наша ера“ и „нова ера“. Недозволива е ваква неконзистенстност на термините во учебник кој треба да биде почетно запознавање на учениците со историјата како наука.
- „Пишаните извори се многу сигурни.“ (стр. 128)