На стотина метри од некогашната фабрика „Порцеланка“ близу до реката Тополка во велешко Долно Оризари, крај патот ѕиркаат неколку глинени куќички со заоблен кров налик на сцените од филмската сага “Хобит“. Пред влезот на куќичките, целиот измачкан со кал на рацете и боси нозе, ќе ве пречека нивниот гостопримлив сопственик Димче Ацков, кој од зори до зајдисонце работи како мравка за да си го оствари сонот – да создаде прво вистинско еко село во Македонија и прва вечна шума која ќе им ја остави аманет на идните генерации.
Во дворот на Ацков има повеќе поголеми и помали куќички кои имаат различна намена, а кога го почнавме разговорот за ММС, Димче почна да го гради својот штанд пред влезот на имотот на кој ќе ги изложува своите производи, собрани од природата.
Како дете, Димче секогаш го имал чувството дека околу нас има нешто повеќе и нешто поголемо. Како растел и се создавал како личност, тој се впуштил во секојдневието со работата и сфатил дека живееме во средина во која ги немаме основните работи за живот: здрава храна, чист воздух и чиста вода.
Од вештачкото околу нас не можеме да го видиме ниту сонцето кога ќе изгрее, ниту кога ќе зајде. Ние сме дел од природата, не сме дел од тој бетон околу нас. И сето тоа со текот на времето си наоѓа некој пат, прво одиш во природа за викенд и гледаш дека е тоа ти е малку, па посакуваш повеќе и гледаш дека ти треба да живееш во природа за да се чувствуваш убаво, раскажува Димче.
Најголемата промена ја доживеал пред седум години кога стапнал на семејниот имот кој го наследил од својот дедо.
– Почувствував силна енергија од предците на земјата на која стапнав, беше толку силно што реков јас сум за тука. Сите што имаат дедовина им препорачувам да отидат да стапнат на таа земја, да се поврзат со таа земја и со таа енергија, да видат колку сила ќе имаат. А, не постојано да се жалат дека немале енергија. Оди на дедовината, ќе видиш колку енергија има. Јас работам тука по 10 часа и не се изморувам. Цел ден работам, сам копам земја, сам мешам, сам ѕидам. Тука е енергијата, тука си силен. Не за џабе рекле дека каменот тежи таму кај што му е местото – вели Ацков.
Кога решил да гради, почнал да истражува и видел дека ирански архитект гради слични куќи. Димче сфатил дека за да изгради еко село, треба да ги почитува законите на природата, а не општествените закони.
Не ни знаев дека постојат вакви градби, ги имав видено само низ селата. Се прашував зошто тие куќи не се распаднати ниту по 100 години. Прво истражував, прво ја направив малата куќа, потоа беше полесно. Ја направив големата куќа во која живеам и сега му правам куќа на мојот овен. Тоа ми е целта, да си направам колку што сакам куќички за потреба, да направиме еко село каде што ќе се почитуваат законите на природата, не општествените закони, вели тој.
Гради со камен, земја и слама, работи сам и без механизација и користи техники кои ги користеле нашите предци.
Најважно за една куќа е да има добар темел и добар кров. Што би рекле, да има капа и чизми. Мора да има добар темел од камења за да трае 100 години. Врз каменот се ѕида земја и се става кров од трски или од земја. Нашите предци граделе со материјали од непосредната околина. Ако имало камен со камен, ако имало глинеста земја, со глинеста земја. Во велешко имаме глинеста земја и со неа почнав да градам. Да се одбегнува само песоклива земја, куќите се тешки и може да тонат, го објасни процесот на градење велешкиот неимар.
Еко селото се заснова врз систем на самоодржување. Димче користи електрична енергија од соларни панели, пие чиста вода од сопствен бунар и произведува храна со што задоволува 60-70% од потребите:
– Ќе си направиш овоштарник, бавча за зеленчук. Јас сум веган и лесно ми е да преживеам. Нашата земја е толку богата што да одиш во природа ќе се нахраниш. Од јагоди, лешници, малини, печурки, шип, бадеми, се има во природата. Во Македонија не можеш да гладуваш. Околу нас имаме диви цреши кои никој не ги бере, но нас ни е полесно да одиме да купиме на пазар.
Димче раскажа како минува еден обичен ден на еден необичен човек и како се твори во синергија со природата и животните кои му прават друштво: овенот Спирит кој го посвоил затоа што му било жал дека ќе заврши во кланица, кучињата Хиро и Миси, спасени од улица, како и двете мачиња кои се најнови жители на еко селото.
Денот на Димче започнува рано, уште во мугрите. Тој полни вода од бунарот, ги храни животните, ја полева бавчата и оди да бере овошје, јаткасти плодови и печурки. Се враќа, почнува да собира материјали за да гради во дворот. Тој наоѓа време и да ужива во тишината на реката Тополка која тече низ неговото село. Денот му минува во здрави активности.
Цел ден работиш и кога ќе дојдеш уморен не ти е гајле дали влегуваш во колиба или палата, гледаш само да одмориш – вели тој.
Димче го чекал тој фамозен момент да “направиш пари и да се средиш“, но сфатил дека тој момент никогаш нема да дојде и затоа решил без ниту еден денар да гради на својата дедовина. Порачува дека треба помалку да се зборува, а повеќе да се прават дела и да проработи законот на совеста.
Не мора секој да прави куќа, но нека почне од нешто. Нека излезе со синчето во природа и нека насади некое дрво. Заедно нека го гледаат како расте дрвото. Еден ден, синот ќе рече ова дрво го садевме со татко ми, па ќе оди кај дрвото и на тој начин ќе се поврзе со природата. Оние што сакаат можат да живеат во село. Има многу напуштени куќи низ селата, што ако ги контактираш сопствениците ќе ти ја дадат без надомест само да ја одржуваш.
Во Велес има толку клисури: Пешти, Богомилска клисура, Макаровец, што никој не ги знае. Пријател од Виена го шетав низ нив и вика “ова е најубаво место како во филмот Господар на прстените“. Летово ќе дојде да си купи место во клисурата само поради глетката и енергијата на водата и карпите – апелира Ацков.
Првата цел да има еко село Димче ја оствари, но сега сака да го реализира големиот сон да му подари на човештвото вечна шума.
Околната земја е мртва околу нас, видов ниви што не раѓаат ништо. Дојдов до идеја да ја рехабилитирам таа земја, да ја насадам и да оставам во аманет, да стои како приватна шума и државата нема да ја сече. Приватна, но во аманет да не ја сечат следните генерации. Нашите претци мислеле на седум генерации напред и тоа ми е идејата. Јас сакам да почнам со два хектари земја кои се во близина на моето еко село. Мора прво да садам ниски растенија кои ќе и дадат азот на земјата, потоа ќе садам средни стебла, па после високи дрва. Проблемот е да се вложи додека пораснат тие три растенија. Ми требаат 20.000 евра за да ги купам тие два хектари. Јас немам финансии оти ги вложив за да докупам еден декар кој го обновив и насадив шума. Ако се вклучиме 20.000 луѓе и се откажеме од едно кафе во денот, ќе си имаме вечна шума. За еден човек е многу, но за толку луѓе е малку. Ќе направиме дело што ќе остане во наследство на нашите деца. Цел еко систем, цел Велес ќе има бенефит кога ќе се вратат птиците и живиот свет – сонува Димче.
Шумата од багреми, јасени и дабови треба да биде рекреативен центар оставен во наследство на планетата Земја. Садењето ќе се организира со работни акции и дружење со истомисленици. Секој што ќе дојде, ќе си донесе дрвце и ќе го сади.
Ацков е загрижен дека еден ден ќе се разбудиме без шума. Природата сама се обновува, но тој вели дека треба да и дадеме оддиш за да тргне малку сама, како што порано тоа го правеле нашите предци.
Нашите предци порано не сечеле, туку собирале суви дрва. Правеле селекција, ако немале суво дрво, го куткале тоа што било најстаро. Затоа што дрвото постаро од две години не чади. Ние користиме влажни дрва и затоа загадуваме. Нашите предци знаеле кога да сечат дрва. За градба сечеле само на полна месечина затоа што верувале дека дрвото нема да фати црвци никогаш. А, ние денес не знаеме ниту колку шума имаме. Некогаш бевме земја со 67-70% шума. Вака ако продолжиме да живееме ќе дојде ред еден ден да имаме неколку места со шума и ќе одиме таму само за да ја гледаме шумата, тоа ќе биде реткост.Еден мораториум од десет години би бил доволен да се обнови се, исплашен е Ацков.
Во неговата приказна се вклучи и Верица Зафирова која во февруари покрена онлајн фаундрејзер кампања со која сакаат да соберат пари за да можат да ја купат соседната парцела од 2 хектари и да создадат вечна шума во срцето на Македонија.
Можеби е тешко да живееме според законите на совеста и на природата кои ги почитува Димче, но можеме да ја испочитуваме мудроста на нашите предци и да го направиме она што тие низ историјата го правеле со леснотија: да се поврземе со природата и да ја сочуваме шумата за следните седум генерации.