Децата со дијабетес секогаш се некако настрана од другите деца. Тие се одделени, без разлика дали се на училиште или друго место. И ние, родителите кога тргнуваме да бараме работа и кога ќе кажеме дека имаме дете со дијабетес, работодавачите негодуваат – вели Гордана Јанева од Гевгелија, мајка на дете со оваа дијагноза.
Согледувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат дијабетичарите, особено децата, таа пред две години решила да се приклучи кон Здружението на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран за да може погласно да се залага за нивните права. Во моментот, таа вели дека во инсулинските аптеки лесно се наоѓа инсулин, но потребно е надлежните да обезбедат дигитални сензори за мерење на шеќерот, а лентичките да бидат бесплатни.
Како изгледа животот на едно дете со дијабет и колку тоа им го отежнува пристапот до работа на родителите, Јанева раскажа за Македонски медиа сервис.
Малаксаност и гадење една летна вечер го разбудила од сон Иван Јанев од Гевгелија во 2018-та година. Таа вечер состојбата ескалирала, откако претходно тој имал повраќање и дијареа, но родителите мислеле дека се работи за стомачен вирус. Со своето дете, кое тогаш имало девет години, тие со возило на Итната медицинска помош биле однесени во Болницата во Гевгелија. Таа вечер, всушност, ќе донесе пресврт во животот на семејството Јаневи.
„Цела недела дење и ноќе одевме во Болницата за да може Иван да прима инфузии, бидејќи пројавуваше симптоми како гадење, повраќање и дијареа, но не делуваше дехидрирано. Во меѓувреме се направија и неколку крвни слики, но никаде според кажувањата не се видело дека има наод за шеќерна болест. Но, состојбата никако не се подобруваше. Ситуацијата сосема нѐ збуни кога една вечер околу два часот по полноќ драстично му се слоши, почна да вика во сон и телото му се ладеше. Во истиот момент повикавме Итна медицинска помош во нашиот стан. Бевме однесени на детското одделение во Гевгелија и беа повикани интернист и хирург во болницата, но после неколку часа рекоа дека треба да одиме итно во Скопје.
Таа се сеќава дека околу четири часот по полноќ во Болницата пристигнал и педијатар кој потврдил дека малиот пациент треба да биде однесен во Скопје.
„Пред тргнување една од медицинските сестри на одделението му го измери шеќерот во крвта со глукомерот и тогаш сфативме со што се соочуваме, нивото на шеќер во крвта беше над 30 mmol/L. Тој момент беше пресврт во нашето патување. Благодарение на медицинската сестра, на која до крајот на животот ќе ѝ бидеме благодарни, на Иван му беше намалено нивото на шеќер во крвта при транспортот и полека вратен во живот. Веќе утрото на 19 јули стасавме и бевме пречекани од персоналот на Детската клиника при одделот на ендокринологија“, додава Гордана.