Блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение, информираше директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“ Ленин Јовановски на денешната прес-конференција.
Јовановски најави дека е можно и одредено проширување на протестите. Очекува и останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем.
– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.
Соопшти дека и до „Слобода превоз“ денеска е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје, а на прашањето од МИА дали има едногласност од страна на приватните превозници дека нема да се пријават на повикот, Јовановски одговори дека никој од нив не би се пријавил знаејќи дека Градот веќе им должи пари.