Утре точно напладне пред зградата на полицијата во Кочани е закажан протест во знак на поддршка на четворица суспендирани полицајци. Како што најавува Независниот синдикат на полицијата, протестот е во знак на револт за суспендираните 4 колеги кои се оддалечени од своите работни места поради тоа што преземајќи службени дејствија со ,,РАДАР“ напишале казна за брзина, но не забележале дека возилото исто така е не регистрирано и не составиле и налог за не регистрирано возило.
-За овој пропуст (превид) од страна на колегите истите се суспендирани и им е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластувања. Полицајците се луѓе и имаат право на грешка при работењето, затоа ќе ни биде чест доколку присуствувате и медиумски ги поддржите нашите колеги, сметаат од Независниот синдикат на полицијата.
Оштетените полицајци реагираат дека е направен превид во текот на нивната работа, за што следува дисциплинска постапка, но не и суспензија и кривични пријави, како што им било најавено. Поради примената на вакви строги мерки, како што нагласуваат, во текот на изминатата година над стотина полицајци самоволно ја напуштиле службата.