Денеска се навршува една година од стапувањето во сила на повторната забрана на пластичните кеси.
Како и при првата забрана од 2013, и по забраната од 2021, употребата на пластичните кеси продолжи. Како да не постои законот и како да не постои проблемот на загадувањето со пластика, се наведува во соопштението од Иницијатива за ослободување од еднократна пластика.
Според Заводот за статистика, во 2021 година е произведено енормно количество од 5.800 тони пластични кеси и вреќи, односно секој ден по неверојатни 16 тони, а ваквото екцесивно производство и потрошувачка на пластични кеси со несмалено темпо, како што стои во соопштението, продолжи и оваа година.
Според Иницијатива за ослободување од еднократна пластика, единствениот позитивен исчекор што е направен е во однос на т.н. биоразградливи пластични кеси кои се продаваат на каса. – Иако продолжи употребата и на овие кеси, намалувањето е очигледно. Тоа се должи, покрај на цената што се наплаќа за нив, и на знаењето на граѓаните дека постои алтернатива за користењето пластични кеси, имено, платнените торби, се посочува во соопштението.
Но, ваквото подобрување, како што велат од Иницијативата, не се отсликува кај употребата на останатите пластични кеси. – По краткотрајното почитување на законот со пуштање во промет на хартиени кеси за овошје и зеленчук, набрзо следуваше враќање на забранетите пластични кеси, често придружено со трагикомичниот обид за изигрување на законот преку сечење на рачките. На овој начин, дури и се зголеми вкупното количество на пластични кеси, бидејќи ваквите кеси се непрактични, полесно се кинат, па многу граѓани едноставно ги фрлаат, создавајќи дополнително пластично ѓубре, се наведува во соопштението.
Од Иницијативата сметаат дека главната причина за кршењето на законот е непознавањето одржлива алтернатива на пластичните кеси при пазарењето овошје и зеленчук.
-А таква алтернатива постои. Не мора да се купува овошје и зеленчук во пластични или хартиени кеси. Може за таа намена повеќекратно да се користат мрежи за овошје и зеленчук. Но, ваквите мрежи речиси воопшто ги нема на македонскиот пазар. Вината за ваквата состојба првенствено ја лоцираме кај Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е должно, со парите што се добиени од продажбата на пластичните кеси, да преземе мерки, како за информирање на граѓаните за алтернативата со мрежите за овошје и зеленчук, така и за поттикнување на производство на овие мрежи, се посочува во соопштението.
Од Иницијатива за ослободување од еднократна пластика, истакнуваат дека проблемот на загадувањето со пластика е сериозен проблем.
-Не се рециклира целата пластика. Глобално, само 9 отсто од пластиката се рециклира, а дополнителни 12 проценти се гори. Останатите 79 отсто се трупаат на ѓубриштата или завршуваат во водите. Кај нас процентите се многукратно попоразителни. Оттука, апелираме до граѓаните да го намалат своето користење на еднократна пластика, вклучително и пластични кеси, а од Министерството за животна средина и просторно планирање бараме да се ангажира да го обезбеди спроведувањето на законот со кој се забрануваат пластичните кеси и да покаже поголема активност во борбата против останатите видови еднократна пластика, се наведува во соопштението од Иницијатива за ослободување од еднократна пластика.