Деца на функционери! Син за заменик министерот на МВР се бркал со полицајците, го фатиле па го пуштиле со ургенции
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/29/22 10:24 AM

Деца на функционери! Син за заменик министерот на МВР се бркал со полицајците, го фатиле па го пуштиле со ургенции

Во инцидент во петокот попладне на периферија на Скопје, син на функционер на МВР бил запрен по бегство од полициска патрола поради нелегално користење флешери, но полицајците го пуштиле со тврдење дека станува збор за службен автомобил на СОЗР.

Инцидентот за Телма го потврдија полициски извори.

Од МВР на прашањето на Телма одговорија дека ќе го испитаат случајот и доколку се утврди полициско постапување спротивно на законот, полициските службеници кои згрешиле ќе бидат санкционирани.

К.Б., синот на заменик министерот предложен од ДУИ , бил забележан од полициска патрола во Чаир како со темно ауди со флешери (ротациони светла на хаубата на автомобилот) се движи побрзо од дозволеното по што го стигнале и побарале да застане. Но возачот со ауди не застанувал по што патролата повикала помош и на крај успеала да го сопре возачот на Качанички пат.

Кога при легитимирањето е откриено дека станува збор за функционерски син, полицајците кои го сопреле преку радио врска јавиле дека станува збор за владино возило од Службата за општи и заеднички работи. Но од централата на СВР Скопје им одговориле дека регистрацијата која ја јавиле (позната на Телма) не припаѓа на службени владини возила туку на приватно ауди.

И покрај се, полицајците од патролата го пуштиле синот на заменик министерот да си замине, но доказите не можеле да се избришат бидејќи радио-комуникацијата на полициските службеници е снимена во согласност со законските прописи.

Инцидентот се случил во петокот околу 17:40 часот. Аудито е земено на лизинг како возило на обезбедување на фабрика со марихуана, бидејќи со тоа се занимавал синот на функционерот на ДУИ. Според информации на Телма, возилото имало и казни за сообраќајни прекршоци, а еднаш дури било спуштено од пајак возило кога било непрописно паркирано.

И други возила на обезедувачите на фармата на марихуана биле непрописно опремени со флешери и со сирени. Флешери на автомобили смеат да имаат и користат само полицијата, итната помош, противпожарната служба, владини автомобили за превоз на функционери и за обезбедување, специјализирани возила за транспорт на пари, како и определени дипломатски возила. За останатите „цивилни“ возила е забранета употреба и се изрекува парична казна.

Употребата на сирени (хорни) е уште построго регулирана и не е дозволена за автомобили на обезбедување и на агенции за обезбедување без разлика дали станува збор за син на функционер, полицаец кој не е на работа или граѓанин-возач.

МВР најави дека ќе информира доколку открие грешка и незаконско работење на полицајците во случајот за кој прашувавме.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7