Приватните превозници нема да возат додека не се реши проблемот, Скопје и понатаму во сообраќаен хаос
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/25/22 4:41 PM

Приватните превозници нема да возат додека не се реши проблемот, Скопје и понатаму во сообраќаен хаос

Приватните превозници добиле ветување од Советот на град Скопје дека ќе стори сѐ што е во негова надлежност за да се надмине проблемот со кој се соочуваат превозниците.
Претседателот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите дадена по средбата со советниците на град Скопје, рече дека автобусите на приватните превозници нема да возат сѐ додека не се реши проблемот. За тоа дали ќе протестираат, ќе одлучат дополнително.
– Целта на оваа средба е постигната. На следната седница што ќе се одржи во понеделник преку советнички прашања ќе побараат одговори на се она што ние не можеме да го добиеме. Советот во рамки на неговите надлежности ќе направи се за надминување на оваа состојба. Добро е што сите претставници на советниците сакаат да се реши ова, изјави Јовановски.

Останува, како што рече, проблемот со ЈСП кое ги одложува исплатите кон приватните превозници.
Претседателот на Советот на Град Скопје, по средбата изрази жалење, што, како што рече, „после три децении од функционирањето на приватните превозници во одвивањето на јавниот превоз на територијата на град Скопје не се успеало да се интегрираат тие во вршењето на јавниот превоз без да има некои посериозни проблеми“.
– Од средбата разбравме дека проблемите всушност ескалираат по јули оваа година. Претходно, имало доцнење со уплати на аванси. Ние не навлегувавме во тие сметки, тоа е договорен однос, но долгот од околу 60 милиони е креиран со престанокот на уплати за извршените услуги од страна на приватните превозници во август, септември и октомври, рече Славески, дополнувајќи дека како Совет немаат надлежност за решавање на овој спор.
Славески информираше дека повеќе координатори на советничките групи најавиле дека на седницата во понеделник ќе постават советнички прашања до градоначалничката Данела Арсовска и до службите на Скопје, за, како што рече „да се слушне и другата страна“.
– Ние сакаме да ја слушнеме и втората страна. Вчера слушнавме некои загрижувачки тонови на конференцијата на градоначалникот Арсовска. Ние имаме надлежност врз ЈСП. Со одлука пред неколку недели префрливме повеќе од два милиони евра за исплата на плати на ЈСП, рече Славески.

Веќе петти ден приватните превозници не сообраќаат поради неисплатениот долг од Јавното сообраќајно претпријатие кон нив. Непосредно пред средбата, пред централата на Јавното сообраќајно претпријатие тие одржаа мирен протест барајќи средба со директорот на претпријатието.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчера ги обвини приватните превозници дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демантот на таквите обвинувања, превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7