Регионалната депонија кај Свети Николе ќе се гради со поддршка на 17 од 18 градоначалници – дециден Нуредини
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/18/22 2:39 PM

Регионалната депонија кај Свети Николе ќе се гради со поддршка на 17 од 18 градоначалници – дециден Нуредини

Додека општините и комуналните претпријатија повеќе од една година ги користат возилата за транспорт на отпад, донација од Европската унија, како дел од проектот за изградба на регионалниот систем за депонирање на отпад во селото Мечкуевци, Општина Свети Николе се повлече од проектот за 18 општини. Со смената на власта во општината, Советот изгласа одлука со која ја повлекува согласноста за изградба на регионален систем за управување со отпад во своите општински граници.

Меѓутоа, оваа одлука не е прифатлива за централната власт. Министерот за животна средина и просторно планирање, во изјава за Канал 77 објаснува дека проектот продолжува и наскоро се очекува распишување на тендер за изведување на регионалната депонија.

-Ние сме подготвени со целокупната документација, но имаше неколку точки за одобрување од претходната верзија на документацијата за локации на трафостаниците.  Евалуацијата е завршена и е доставена во Министерството за финансии. После се праќа до Делегацијата  на ЕУ и ќе ја отвориме тендерската постапка, објасни Нуредини што се работело во претходниот период.

На прашањето дали постапките ќе продолжат понатаму, со оглед на барањето на Општина Свети Николе да се дислоцира изградбата на друго место, во друга општина, министерот Нуредини вели дека тоа не е можно.

-Поддршката за проектот ја дадода 17 од 18 градоначалници од тие региони. Ова е една задолжителна инвестиција во државата во овој регион за еднаш да почнеме да го решаваме проблемот со отпадот. Тука ние зборуваме за два региона со 380.000 жители. Ова нема да биде дива депонија, ова ќе биде депонија со стандарди, што ќе се гради со средства  од Европската унија. Тие нема да дозволат да градат нешто друго, мора да биде со тие стандарди. Ќе се отворат и нови работни места, ќе се решат сите проблеми со отпад и нема да има негативно влијание на животот на граѓаните, туку ќе го подобрат. И сега има диви депонии и Свети Николе има дива депонија. Со оваа регионална депонија, ние ќе ги решиме тие проблеми, изјави министерот Насер Нуредини.

Регионалниот систем за преработка на отпад е проект што се работи со години. Се предвидува прифаќање на отпад од сите градови од Источна Македонија и од Куманово.

Советот на Општина Свети Николе на 22 февруари донесе заклучок да се определи друга локација надвор од општината или ако веќе останува Свети Николе како локација за постројката, да се најде друго место. Во образложението на заклучокот стои дека со изградбата на регионалната депонија за третман на отпад од 18 општини, ќе бидат повредени интересите на граѓаните на Свети Николе од аспект на заштита здравјето на луѓето и животната средина.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7