„По премиера често се враќам во Македонија за да си ги наполнам батериите“ - Бојан Мицев, танчер и кореограф, реди успеси во странство
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/16/22 9:30 AM

„По премиера често се враќам во Македонија за да си ги наполнам батериите“ – Бојан Мицев, танчер и кореограф, реди успеси во странство

Родум од Штип, а ги освојува балетските сцени ширум европските држави.

Младиот Бојан Мицев по професија е танчер и кореограф, кој неуморно се докажува на полето на современиот танц. Во моментот работи и живее во Германија, но додека да дојде до таму, вели дека поминал трнлив пат.

Во интервју за ММС, Бојан раскажа дека првиот балетски час го имал на 17-годишна возраст кога сѐ уште бил средношколец. Секој ден патувал од Штип до Скопје на часови по модерен танц во Средното балетско училиште. Потоа се запишал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, по што добил и целосна стипендија за студирање и во Мадрид. Бојан бил на аудиции во неколку танцови компании, па така му била понудена работа во Германија. Вели дека патот не е лесен бидејќи за да стасаш до самата аудиција треба да поднесеш апликација, а потоа има и селекции и интервјуа.

На јавноста ѝ стана познат како македонски танчер кој го гради својот сон во странство, како успеа да се позиционираш во Германија и каква е динамиката на работа таму?

-Неколку места кои оставија белег во моето танцово патешествие се ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“,  потоа катедрата за балетска педагогија – современ танц при ФМУ УКИМ во Скопје и танцовата компанија “Elephant in the Black Box” во Мадрид. Од таму приказната продолжи во Германија, прво во Театар Хаген, a денес веќе втора сезона во Dance Company Theater Osnabruck во Германија. Работата овде се одвива со полна пареа, сезонава се планирани пет премиери, обемен танц фестивал, гала вечер и враќање на ланските претстави, а танцовитот репертоар брои над 70 претстави оваа 2022/23 сезона, што е сериозна бројка и бара голема посветеност и одговорност во работата.

Летото се врати дома со награда од Германија. За каква награда поточно станува збор?

-Наградата „Höhenflug förderpreis für junge choreograf:innen” е награда од публиката која се доделува на еден млад кореограф кој ќе добие најмногу гласови од публиката во склоп на танцовата програма „SubsTanz”. Од вкупно пет, публиката како фаворит ја избра мојата кореографија „BEYOND THE DOOR” што претставува посебна чест бидејќи ми беше прва креација, а и голема радост што ова признание го добив на туѓ терен во меѓународна конкуренција со кореографи од Израел, Јапонија, Кина и Велика Британија.

До крајот на годината ни преостануваат помалку од два месеца, па дали би можел накратко да ги сумираш ангажманите кои ти ја одбележаа кариерата во оваа 2022? Што е во план за следната година?

-Покрај работниот ангажман во Германија, многу ми е драго што во јуни годинава успеав да дадам мал придонес за македонската танцова сцена и да го реализирам проектот „Современа танцова тура 5“ преку Здружението за културни активности МОУШН НЕТВОРК Штип што веќе петта година по ред се случува на македонско тло. Практично преку танцови работилници проектот овозможува пристап на младите танчери да искусат различни практики во полето на современиот танц, а учество зедоа над 130 танчери од Штип, Скопје, Струмица, Куманово, Пробиштип и Кочани.

Понатаму, дел од летниот период го поминав во работна атмосфера во танцовиот центар Galicia en Danza, во Бајона, Шпанија, каде креирав кратки кореографии и одржав работилници за танц. Креацијата на делото BEYOND THE DOOR е мемориран како уште еден многу значаен момент, а во план за следна година е креација на ново дело кое ќе биде премиерно изведено во јануари следната година во Емма Театар во Оснабрук, Германија и уште неколку други проекти на домашно и меѓународно тло.

Можеш ли да направиш паралела помеѓу македонската и германската публика? Колкава е посетеноста, како танцовите претстави се прифатени и како се рефлектираат врз публиката?

-Посетеноста на танцовите претстави во Германија секогаш е на високо ниво. Публиката пристапува со огромна почит и љубов спрема танцот и уметноста воопшто и свесни се дека танцот игра клучна улога во социокултурниот развој на еден народ. Додека на македонско тло имаме малку поразлична ситуација од аспект на тоа каков третман добива танцот, колку е вреднуван и колку се вложува во него.

Градењето на лојална, едуцирана и критичка публика оди правопропорционално со големината на културната понуда што се пласира во една средина, а досегашното искуство е доказ и показател дека инвестирањето во танцовата дејност кај нас е занемарено во споредба со другите уметности. Министерство за култура на РСМ како надлежна институција треба сериозно и праведно да пристапува кон доставените предлози и програми за танц, со поголем слух и поддршка особено сега кога годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата е во тек.

Колку години веќе живееш во Германија и што ти недостига најмногу од Македонија? Дали се тоа роднините, пријателите, можеби храната? Има ли нешто кое со нетрпение го очекуваш додека да се вратиш?

-Веќе трета година живеам во Германија и најмногу ми недостасуваат најблиските нормално, фамилијата, пријателите како и вкусната македонска традиционална кујна. За среќа достапна е одлична авио-конекција и честопати веднаш по премиера знам да се вратам на неколку дена, да ги наполнам батериите и со нов елан да се препуштам назад на работните обврски.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7