Пак ли ќе извисат пациентите? Ниту Влада, ниту министерството немаат одговори дали мобилниот мамограф ќе остане само фалба на власта!
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/14/22 10:42 AM

Пак ли ќе извисат пациентите? Ниту Влада, ниту министерството немаат одговори дали мобилниот мамограф ќе остане само фалба на власта!

Вкупно 390 жени во првите десет дена од месецов направиле преглед со мамограф во рамките на националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка, соопшти Министерството за здравство.

Иако закажан термин за мамограф имале 963 жени, од нив 573 не се јавиле на терминот. Спроведувањето на програмата почна на први ноември и таа е бесплатна, а партиципацијата ја покрива ресорното министерство. Во неа се опфатени жените на возраст од од 45 до 69 години кои не направиле мамографија во последните две години, како и оние од 40 до 44 години кои имаат член во семејството со рак на дојка или друг дополнителен ризик фактор.

Од МЗ појаснуваат дека со цел да се олесни закажувањето, жените добиваат СМС порака со точно време, ден и здравствена установа за скрининг мамографија и нема потреба да се јавуваат кај матичен лекар за упат. Оние пак, кои сакаат да закажат, можат тоа да го направат секој ден во периодот од 13 до 15 часот со јавување на телефонскиот број 0800-15444. На истиот овој број, жените кои веќе добиле смс порака ќе може да го откажат терминот.

Веб страницата за самоиницијативно пријавување за мамограф не проработи

Здравствените власти информираа за ваквите бесплатни прегледи уште минатиот месец. Тие најавија дека ќе има и посебна веб страница преку која жените ќе може самоиницијативно да се пријават за скрининг мамографија. Сепак, иако скринингот веќе е почнат, страницата www.skrining.zdravstvo.gov.mk е надвор од функција, па жените кои сакаат да се прегледат со термин кој сами би го закажале, тоа може да го сторат само телефонски во наведениот термин од 13 до 15 часот.

Жените пак, на кои ќе треба да им се направат дополнителни прегледи како на пример, ехо и биопсија, радиологот ќе ги повика телефонски и ќе креира упат за дополнителните прегледи – објаснуваат за ММС од Министерството за здравство.

Најавениот мобилен мамограф остава само фалба, никој не знае од кога и како ќе функционира

Скрининг програмата почна еден месец по бројните „розови“ кампањи посветени на зголемување на свеста за оваа болест, на која Владата посвети една од своите седници.

Владата донесе одлука за воведување задолжителни здравствени прегледи, како и за обезбедување мобилен мамографски скрининг. ММС ја праша Владата кои возрасни ќе групи ќе бидат опфатени во скринингот со мобилниот мамограф, но и дали ќе може да се прегледуваат и жените без здравствено осигурување, но оттаму не одговорија.

За потсетување, на почетокот на оваа година мобилен мамограф воведоа и српските власти. Мамографот беше поставен на Калемегдан каде жените можеа да се прегледуваат само со пријавување со лична карта или здравствена книшка без закажување, па прашавме дали во рамките на македонскиот мобилен мамографски скрининг ќе треба да се закажуваат термини, но од Владата не дадоа одговор.

Фото: Мобилен мамограф во Белград

Наместо тоа, владината прес служба го повтори она што претходно веќе го имаше објавено во своето соопштение за заклучоците од владината седница.

-За Министерството за финансии, заклучено е да се задолжи и да предвиди средства во Буџетот за 2023 година, за унапредување на превентивата во оваа област, а утврдувањето на конкретната намена на средствата, да биде направено во соработка со Министерството за здравство – појаснија од Влада.

-Министерството за труд и социјална политика е задолжено при измените во Законот за безбедност и здравје при работа и во подзаконските акти на Законот, да предвиди задолжителен здравствен преглед во рамки на систематските прегледи, со цел внесување на превентивата во оваа област, како законска обврска – додадоа од таму.

Во писмениот одговор, прес службата не пропушти да се пофали дека Владата се грижи за сите граѓани и останува отворена да придонесе во подобрувањето на состојбите по прашањето преку конкретни чекори и политики. Сепак, во врска со најавата за мобилен мамографски скрининг нема никаква конкретна информација. Владата, од чија седница произлезе информацијата дека ќе се воведе ваков тип на скрининг не одговори ниту на следните прашања:

Каде ќе може да се прават прегледите со ваквиот мобилен мамографски скрининг? Дали тој ќе биде наменет само за Скопје или ќе оди и во другите општини? Дали тој ќе биде достапен и за жените во руралните средини?

Кој ќе биде медицинскиот тим кој ќе го прави ваквиот скрининг? Од која здравствена установа ќе бидат лекарите и останатиот персонал кој ќе ги прави овие прегледи?

Дали мобилниот мамограф веќе е набавен во државава и ако да, од пред колку време? Доколку не е набавен кога очекувате тоа да се случи и од кога би отпочнале прегледите?

Кое е времетраењето на бесплатниот мобилен мамографски скрининг, односно до кога ќе може да се прават прегледи во рамки на истиот?

На овие прашања не одобивме одговор ниту од Министерството за здравство, кое пред девет месеци објави дека Бугарија ни донирала мобилен мамограф кој ќе биде наменет за Здравствениот дом во Неготино.

Од МЗ тогаш најавија дека тој ќе биде наменет и за жените од помалите околни места, но како што дознава ММС, нашите здравствени власти не го набавиле возилото (комбето) за пренос на мамографот. Здравствените власти сега не одговорија дали овој мамограф е ставен во функција и ако да, каков е интересот на жените за мамографски прегледи?

Во недостиг на конкретни одговори, жените кои се со веќе дијагностициран карцином на дојка и кои имаат потреба од редовни контролни прегледи, остануваат во недоумница дали најавата за мобилен мамограф кој значително би го олеснил пристапот до преглед, и понатаму ќе остане само фалба и нереализиран проект. На тематската владина седница посветена на ракот на дојка присуствуваа и претставнички од здружението ЕЗРА, но од Владата нема одговор на нашето прашање какви предлози поднеле од таму со цел да се подобри состојбата со оваа болест.

Во меѓувреме, дел од жените кои се веќе дијагностицирани со неа, поднесоа претставка до МЗ и до МТСП барајќи подобар третман на онколошките пациенти преку измени во здравствената легислатива.

Вања Мицевска

Фото:  National Cancer Institute / Unsplash

Кампањите завршија, проблемите останаа: Онколошките пациенти поднесоа претставка до МЗ за законски измени за подобар третман

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7