Направивме грешка со Скопје, откако ги исполни барањата, наместо да го забрзаме, го запревме процесот, вели потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/7/22 1:04 PM

Направивме грешка со Скопје, откако ги исполни барањата, наместо да го забрзаме, го запревме процесот, вели потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас

Скопје го направи токму она што како Европа го баравме од нив и штом го сторија тоа, наместо да ги забрзаме, ние ги запревме, вели потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, во кое, меѓу другото, говори и за грешките што Европа ги направила кон земјите од Западен Балкан, споменувајќи го и случајот со снабдувањето со вакцини, но како карактеристичен пример се осврнува на ЕУ перспективата на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Истакнува дека откако земјата направи сè што било потребно, првично беше запрена од Франција во пресрет на претседателските избори, а штом се реши прашањето за Франција, „повторно ги запревме поради Бугарија“.

-Северна Македонија ја плати цената на владината нестабилност во Бугарија. Па, оваа работа е грешка. Иако постои толкување, доцнењето во целина е грешка, вели Схинас.

За неодамнешната негова посета на земјите од регионот, потпретседателот на ЕК и комесар вели дека констатирал неколку работи, прво дека луѓето и јавното мислење на Балканот, „безрезервно се наклонети кон европскаажта ориентација“, а второ дека „раководствата се обидуваат да го објаснат доцнењето на пристапниот процес“.

-Третата, исто така многу важна работа што ја видов е дека политичкиот „часовник“ на проширувањето јасно е дека доцни во однос на општествениот часовник. Додека луѓето сакаат во Европа, напредокот во преговорите не е постигнат во пропорционален степен.  Имаме временско задоцнување, кое се интензивираше со настаните во Украина, истакнува Схинас.

Една од темите за кои станало збор на средбите во регионот било и мигрантското прашање, за кое во интервјуто вели дека „проблемот што сега го имаме на балканската рута е постоечки“, додава дека брановите на нелегални мигранти преку Балканот кон Европа се три пати зголемени, меѓутоа ситуацијата не е толку тешка како во периодот на Идомени, но „почнува одново да се загрева“.

Објаснува дека главната причина е што српската Влада има склучено договори за безвизен режим со земји како Индија, Бурунди, Тунис, а со тоа ги отвора вратите за луѓето кои преку Србија стигнуваат до Европа, но по средбата во Белград, како што вели за „Катимерини“, претседателот Вучиќ ја испочитувал обврската што му ја дал и ги поништил овие визи.

Второто прашање поврзано со балканската рута, според Схинас е дека „потребен ни е Фронтекс насекаде“, а наскоро ќе биде распределен и на границата меѓу Србија и Северна Македонија.

-Бидејќи Фронтекс има законски мандат да дејствува на границите само со државите на ЕУ, а ние сакаме тоа да се прави и меѓу трети земји, како на пример меѓу Србија и Северна Македонија, исто така ни треба и согласност од овие држави, која исто така го добив. Се согласија и наскоро ќе имаме Фронтекс на границата меѓу Србија и Северна Македонија, вели Схинас за „Катимерини“.

Во пресрет на Самитот во Тирана следниот месец, потпретседателот на Европската комисија вели дека ќе треба да се даде порака на безбедност и гаранција дека особено во тешките моменти на војната „во прашањата поврзани со енергетиката, со заштита на граѓаните од последиците на војната, европската прегратка на заштита ќе ги опфати и луѓет од Балканот“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7