Петнаесет загинати во пожарот во бар во Русија
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/5/22 1:19 PM

Петнаесет загинати во пожарот во бар во Русија

Најмалку 15 лица загинаа синоќа во бар во Русија во градот Кострома, на околу 300 километри североисточно од Москва, јавува агенцијата ТАСС, наведувајќи дека пожарот е можно да бил предизвикан од пијан маж кој испукал сигнална ракета.

Во првите извештаи гувернерот на таа област Сергеј Ситников преку Телеграм пренесе дека загинале 13 лица, а петмина се повредени и дека немало потреба од хоспитализација.

„Пронајдени се уште две тела, што значи дека сега бројот на загинати се искачи на 15“, соопшти агенцијата ТАСС, повикувајќи се на извори од службите за итни случаи.

Полицијата рано утрово соопшти дека е уапсен осомничениот за предизвикување на пожарот. „Полицијата идентификуваше и уапси осомничен за нелегална активност во еден од ноќните барови во Кострома, што предизвика пожар и жртви“, соопшти руското Министерство за внатрешни работи без дополнителни детали за осомничениот.

Новинската агенција ТАСС објави дека пожарот се чини дека го подметнал пијан маж кој испукал сигнална ракета на подиумот за танцување. Тој бил таму со девојката на која и пришол на подиумот со букет цвеќе и таа ракета.

Првично беше констатирано дека пожарот се случил во кафулето „Полигон“, но подоцна беше појаснето дека се работи за бар и ресторан.

Пожарот е изгаснат рано утринава, изјави гувернерот.

Околу 250 луѓе се евакуирани од објектот каде што избувна пожарот, соопштија претходно локалните власти.

Според службите за итни случаи, кои добиле повик околу 2 часот утринава по локално време (полноќ по средноевропско време), пожарот се проширил на 3.500 метри квадратни.

На својата веб-страница „Полигон“ наведува дека тоа е традиционален руски ресторан дење и бар со танцување ноќе, многу популарен меѓу припадниците на сообраќајната полиција и е отворен цела ноќ.

Според снимките од јавната телевизија, се гледаат десетици припадници на итните служби како го гаснат пожарот.

Пожарникар за локална телевизија изјавил дека 50 пожарникари и 20 противпожарни возила биле вклучени во гаснењето на пожарот, кој бил отежнат поради опасноста од уривање на зградата.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7