Граѓаните со попреченост ќе добијат покачување на посебниот додаток за 15 отсто - Пратениците ги изгласаа законските измени
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/3/22 5:33 PM

Граѓаните со попреченост ќе добијат покачување на посебниот додаток за 15 отсто – Пратениците ги изгласаа законските измени

 Министерството за труд и социјална политика соопшти дека на денешната седница на Собранието пратениците ги изгласале измените на законите за детска заштита и за социјална заштита.

– Со Законот за заштита на децата се уредува правото на посебен додаток, кој го има еден од родителите на детето, старател или лице на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа му е доверено детето и живее самостојно со него до навршени 26 години. Соочувајќи се со покачувањето на трошоците за живот Министерството за труд и социјална политика ги предложи измените на Законот за детска заштита. Со нив се предвидува зголемување на висината на посебниот додаток за 15 отсто, за сите три подвидови на корисници со цел подобрување на финансиската состојба на корисниците на правото на посебен додаток.

На седницата беа изгласани и измените на Законот за социјална заштита. Целта на измените, велат од Министерството, е да се овозможи родител кој има дете со попреченост да користи траен надоместок на порана возраст. Исто така, се предвидува во корисниците на лична асистенција да бидат опфатени и лица со комбинирана попреченост.

Согласно донесените измени се намалува возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители кои до 26-тата година се грижеле за дете со попреченост без да биде згрижено во институција, односно намалувањето е од 62 на 60 години за жени и од 64 на 62 години за мажи.

Додека во услугата за лична асистенција која опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 18 до 65 годишна возраст се вклучуваат и лицата со комбинирани пречки.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7