(Видео) „Мамо немој да плачеш повеќе“ - Докторите не верувале дека Павел од Виница ќе преживее, но со помош на Бог храбро се бори - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/3/22 7:00 PM

(Видео) „Мамо немој да плачеш повеќе“ – Докторите не верувале дека Павел од Виница ќе преживее, но со помош на Бог храбро се бори

Семејната идила на Менче и Диме Маркови од Виница, за миг била уништена кога доживеале сообраќајна незгода на влезот од село Облешево. 

Во еден миг, животот целосно им се променил, пукнала гума на нивниот автомобил во кој се наоѓал и нивниот син Павел, па удриле во автобус. Незгодата се случила во 2017-та година, кога Павел имал четири ипол години. Денес, на деветгодишна возраст, тој е со моторички проблеми и сѐ уште не оди на училиште. Неговите родители се трудат и невозможното да го направат возможно, но за скапите третмани надвор од Македонија помош бараат и од сите хумани граѓани. Менче и нејзиниот сопруг се трудат да не дозволат поради недостиг на финансиски средства, детството на Павел и понатаму да поминува во кревет.

Како живеат последните пет години, како изгледаат предизвиците на ова семејство кое освен Павел има уште три синчиња, Менче отворено раскажа за Македонски медиа сервис.

„Се судриле автобус и автомобил“, „Страотна несреќа во Македонија“, „Сообраќајка кај Облешево“…Ова се само дел од низата наслови објавени во медиумите на 16-ти ноември 2017 година.

Новинарите информираа за сообраќајна незгода во која меѓу повредените имало и четиригодишно дете. Тоа дете, Павел денес е девет години и сѐ што научило до неговата четврта година, по сообраќајката заборавило. Павел има парализа на десната страна и сѐ уште не оди на училиште. Сепак тој се труди и копнее еден ден активно да игра фудбал или тенис. Неговата мајка Менче вели дека секој ноември со тага се сеќава на големата траума, но благодарна е на Господ што сите се живи, дури и покрај прогнозите на лекарите дека е можно Павел и да не преживее.

„Веќе пет години талкаме, Павел лежеше на интензивна нега два месеца, па бевме префрлени на Неврохирургија каде што лежеше еден месец. Потоа отидовме во Охрид на рехабилитација, но имаше многу слаб напредок“, раскажува за ММС, мајката на Павел.

Менче и нејзиниот син веќе два месеца се во Србија, каде деветгодишното момче секојдневно оди на терапии во Поликлиниката Неуромедик Ниш откако тука не постигнале значителен напредок, а сеансите таму чинат 1,094 000,00 српски динари или околу 550.000 денари.

„Случајно ја видов клиникава во Србија, видов дека работи со такви дечиња. Павел има во моментот парализа на десната страна, фатени му се и рачето и ножето и не може да оди. Не може да пишува, да следи редовно настава, па отсуствува и од училиште поради тоа“, вели Менче која додава дека со сопругот даваат сѐ од себе, но како што истакнува, тоа што е до Бога, не можат да го променат.

За Павел, кој е нејзино второ синче, вели дека било здраво, право детенце, а потоа во дел од секундата сѐ се сменило.

„Сообраќајката беше надвор од Виница, на влезот од село Облешево. Ни пукна гума, удривме во автобус и ни се смени целиот живот во еден момент, во дел од секундата се најдовме под автобусот. Колата беше уништена, Павелче седеше позади. Тој беше 4 ипол години тогаш. Во автомобилот бевме јас, сопругот, детето и еден сопатник од Куманово. Другите деца не беа со нас, за среќа ги оставивме на мајка ми да ги чува. Павел отсекогаш беше малку повеќе поврзан со мене и не беше возможно да го оставам“, се сеќава Менче (29).

Таа немала телесни повреди, но нејзиниот сопруг бил тешко повреден па денес има пластично рамо, пластичен колк, шипка од лактот до рамо, плус друга шипка од колкот до коленото, а има и пластично колено.

„На Павелче ситуацијата не беше баш нешто надежна, докторите немаа ни најмалку надеж дека ќе успее да преживее.  Меѓутоа тој веќе петта година е жив“, ни истакна Менче.

По тешката сообраќајка, деновите на младата мајка поминувале во Скопје во очај да се подобри здравјето на нејзиното дете. Два месеца Павел бил сместен на  Одделот за интензивна нега на Ургентниот центар.

„Тие два месеца јас не го напуштив болничкиот ходник. Докторите даваа максимални напори за да преживее. Сепак, и кога никој немаше трошка надеж, јас секогаш се надевав дека ќе се случи чудо“, вели Менче.

По сообраќајната незгода, Павел не можел ниту да зборува ниту сам да стане од кревет. Тоа се сменило кога на празникот Свети Кирил и Методиј, таа и сопругот решиле да го однесат детето во Лесновскиот манастир и таму да се помолат за неговото здравје.

„Павел прозборе и почна сам да станува. Тоа е благодарение на Бога. Пред сообраќајката тој си имаше говор, а потоа го изгуби и говорот и памтењето. Единствено само на мене реагираше, ни на татко му, ни на доктор… Сега вистина ви кажувам, ни се случи баш чудо. Во Манастирот отидовме на 24-ти мај, на Свети Кирил и Методиј. Еден пријател од Виница рече ајде да одиме и ние се согласивме, бидејќи верувавме во Бога дека нешто ќе се случи“, се сеќава Менче.

Кога отишле во Манастирот, игуменот почнал да ѝ дава знаци да го спушти Павел долу.

-Јас му реков дека тоа е невозможно бидејќи тој не може да стои. Тој повторно сакаше да го пуштам, иако јас го носев како предмет, единствено срцето му работеше. Игуменот ми прочита молитва за здравје, мажот ми сѐ уште беше на патерици.  Си заминавме дома и утрото мажот ми ме разбуди од спиење. Јас кога „изрипав“ го видов Павел како седи до мене и тој ми рече: „Мамо немој да плачеш повеќе. Гледаш дека јас можам сам да станам, немој повеќе да плачеш“. Тоа беше навистина Божја работа, а докторите не се надеваа никако – искрена е младата мајка.

Поради големата траума и стресот, таа неодамна доживеала и мозочен удар на неполни 30 години. Меѓутоа како што вели, љубовта кон децата ѝ била мотив да се бори да закрепне што побргу. Ни сподели дека своите деца ги учи на заедништво и дека особено поголемото синче е многу привразно со Павел, па со нетрпение чека да си дојдат од Србија.

-Навистина родителското воспитување многу значи. За моите деца можам да кажам дека ја прифатија ситуацијата дека е Павел поразличен од нив, но најголемиот особено си игра топка со него иако е свесен дека Павел не може со едното раче да си игра. Децата ги учам на заедништво и баш им е мило кога си играат со него. Поголемиот ми вели „мамо кога ќе дојде Павел ќе си играме ли пак надвор“ – истакнува Менче.

Таа додава дека во последните пет години семејството навистина финансиски се исцрпило, па сега за третманите во Ниш бараат помош од хуманите граѓани. Во меѓувреме нејзиниот сопруг е во Виница со другите деца, а таа и Павел се сместени во стан под наем. На нашето прашање како изгледаат третманите во српската поликлиника, таа посочи дека генерално се користи робот-терапија, а покрај тоа добива и кинезитерапија со која ќе треба да продолжат и по враќањето во својот град.

 

 

„Денес се случи чудо, Павел го ставија во разбој и тој почна да се движи без никој да го држи. Докторката што го води Павел ми рече дека сета таа повреда со сообраќајката, настанала токму при најголемиот развој на детето и се вкрстиле функциите. Рече дека ќе биде потребен долг период, додека неговиот мозок да го сфати сето тоа. Докторката рече завршете ги трите месеци терапија и направете пауза од два месеца бидејќи тоа што го има постигнато може повторно да го заборави. Тие вкрстени функции многу ретко се случувале, рече дека има еден случај во илјада“, додава Менче.

Поради здравствените проблеми, Павел сѐ уште не оди на училиште, но по разговорите со докторката родителите одлучиле дека од следната година ќе го запишат во прво одделение.

„Павел има проблеми со движењето, дури е напредок  и тоа што сам почна да станува од лежечка во седечка положба. Комуникациските вештини му се добри, сврзува реченици, може да зборува“, објаснува Менче.

Според неа, Павел е дете со големи соништа, а таа и неговиот татко прават сѐ што може за да му се остварат. Вели дека сака да игра фудбал и тенис и таквата желба дополнително го мотивира да се труди.

Сака да гледа „Маша и Медо“, да гледа едукативни работи, сака да ја учи азбуката. Сака да го користи телефонот, но му дозволувам само еден час во текот на денот и тоа со прекини – вели Менче.

Таа апелира до хуманите граѓани да им помогнат за да може  Павел да застане на нозе и храбро да чекори во животот, а тоа може да го направат преку донации на следните начини:

А1 : 143- 473

Т-Моbile:143-191

(Вртете без префикс)

Контакт телефон од родителите: 071 206 378

Стопанска банка: 200003265336115

IBAN: МК 07200003986659543

Swift: STOBMK2X

PAVEL MARKOV Ul. 30 Septemvri br.13, 2310 Vinica

https://www.gofundme.com/f/von-herzen-fr-pavel?utm_campaign=p_cp+share-sheet&utm_medium=copy_link_all&utm_source=customer

 

*Фотографиите и видеото се објавени со дозвола од родителите

 

Вања Мицевска

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7