Баба ми велеше и Германците и Италијанците беа окупатори, но беа коректни, a Бугарите ѕверски убиваа - Отворено со Ламбе Алабакоски
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/1/22 7:00 PM

Баба ми велеше и Германците и Италијанците беа окупатори, но беа коректни, a Бугарите ѕверски убиваа – Отворено со Ламбе Алабакоски

По 12 години пејачот Ламбе Алабакоски годинава повторно се врати на „Макест“, по 2010 година, кога победи.

Но, не е само песната актуелна во животот на пејачот, напротив, Ламбе по враќањето од Америка иако беше решен да се врати во татковината поради музиката, сепак, место на музичкиот трон, тој се искачи на политичкиот. Веќе е познато дека пред неколку месеци го потпали бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, па место награда за најубава песна, доби шест месеци условна казна од битолскиот суд.

Дека токму Ламбе ја потпалил вратата на клубот беше шок за сите. Некои го оправдуваа, го нарекуваа херој, некои го критикуваа, му го додадоа прекарот „пироман“ и го советуваа дека, сепак, треба да се тргне од политиката и да се посвети на она што најдобро го знае – песната.

Но, што е тоа што го натера пејачот на ваков пресврт во неговиот живот, особено што Ламбе е миленик на сите генерации, токму поради милостa што ја носи во себе, која му е дел од карактерот и ангелскиот лик, па никој не поверува дека би можел да направи нешто такво.

Ламбе за ММС  отворено прозбори и даде одговори на многу прашања поврзани со немилиот настан, за мотивот и за заканите што ги добивал.

Но, да почнеме од почеток, од првиот шок, кога во ек на кариерата, тој реши да ја напушти Македонија и да се пресели во САД.

-Најголема причина за моето заминување, секако, беше љубовта. Иако последните години, па и сега е тешко финансиски да се опстои на сцена. Да се живее од музика е тешко.  Дел од причината беше и тоа. Но, секако предност имаше љубовта. Млади сме, ајде да пробаме. Мојата сопруга беше преселена уште од 2000 година. Тогаш не ни размислував дали моето отсуство ќе се одрази добро или лошо на мојата кариера иако сега сметам дека никогаш повеќе не би правел толкави паузи. Ние и додека живеевме таму, постојано размислувавме за враќање. Иако сега имам отворена врата да живеам и таму и овде, но би сакал тука да творам, бидејќи тоа ми е дарба од Бога. Е сега колку ќе успеам ќе видиме.

Но, сам си свесен дека од музика и сликање кај нас не се живее. Како ќе функционираш?

-Не знам. Ќе се бориме. Имам бенд, свириме исклучиво македонска музика. Летово имавме настапи, имав 10-тина концерти низ повеќе градови. Ако тие пари се редовни може и да се живее иако знам дека дел од тие пари мора да одат во инвестирање во музиката. Не знам. Ќе видиме.

Сите ти се израдуваа дека се врати, мислејки на музиката, но ти направи нешто поради кое те нарекуваа херој, патриот, вистински Македонец, но и дека си подведен, пироман и дека најмалку што ти треба е да се мешаш во политика и да бидеш политички обележен. Ламбе што навистина се случи? Што те натера за да го потпалиш бугарскиот клуб?

-Тоа е лично моја одлука, никој ништо не ми рекол. Дури и моите најблиски и сопругата не знаеја за моите намери. Тоа изгледа тлееше во мене од минатото. Отоврањето на клуб во Битола со такво име не само на мене, на сите им пречи.

Но, никој не отиде да го запали?


-Да, никој не направи ништо. Ќе кажам нешто што ми го кажа мојот адвокат, кој има големо искуство. Тој ми рече: „Тоа што потсвеста го мисли, совеста го реализира“.  Мислам дека овие години додека бев отсутен уште повеќе ја засакав Македонија и сфатив што значи да се има своја земја, своја татковина. Кога некој не го почитува тоа, не прави ништо и да се спречи, ете јас сосема трезвено и трезно го направив тоа. На крајот го признав делото и во ниеден момент не се каам за тоа што го направив. Едноставно мислам дека така требало да биде.

 Дали мислиш дека на некој начин се освети? Колку мислиш дека со ова и помогна на државата?

-Тоа не знам, времето ќе покаже. Јас си го направив своето. Сметам дека сите треба да правиме нешто на различни начини. Јас не сум багабонд, ниту сум бил. Мене ова ми е прво кривично дело во животот, се надевам последно.Но, ако треба да се брани своето не е кривично дело. Едноставно си ја браниме татковината, интегритетот и чесноста. Па многу наши предци загинале за ова, што е пострашно од ова јас што го направив.

Дали е вистина дека твоето семејство имало многу лошо искуство за време на Втората светска војна?

-Да. Јас пораснав со раскажувањето од баба ми дека кога тие биле мали девојчиња го имаат убиено дедо ми, Панде Пашариковски, кој бил ѕвезрски убиен и оставен. Баба ми била сведок и ми го раскажа сликовито целото ѕверство и уште ми е таа слика во глава. Тој е ѕверски убиен во Љубојно  и на сред село е оставен мртов да стои со денови за да се плаши народот. Тоа е вистината. И не е само дедо ми тој што поминал низ вакви ѕверства. Баба ми ми кажуваше дека како окупатори не поминале само Бугарите, туку имало и Германци и Италијанци. Но, Германците и Италијанците со нив биле многу коректни, дури им помагале на селаните. Не правеле никакви ѕверства. Сето тоа било дело на Бугарите. Баба ми била сведок на сето тоа, ова е раскажување од неа. Тоа сите го знаат, не е сведок само баба ми. Тоа е вистината колку и да бегаат од неа. Бугарија треба да се извини, не да го прави ова што го прави. Како што се извини Германија.  Колку и да сакаат да ја превртат историјата, не може да ни ги превртат мислите и сеќавањата на нешто што е проживеано. Не може да одат контра фактите и вистината. Па тоа се случувало една-две генерации пред нас, има и живи сведоци.

Како ти дојде на идеа да ја потпалиш вратата?

 

-Тоа беше момент на афект и нервоза. Сакав да го направам тоа и го направив.  Пак ќе повторам не бев пијан па да не знам што правам. Тоа го направив сосема трезвено. Јас не сум искусен, како што ме нарекуваат, пироман. Едноставно мислев дека треба да го искажам мојот револт и да направам нешто. И направив.  Не повредив ниту, рака, ниту имав гребнатинка. Рано наутро едноставно станав го направив тоа и се вратив дома.

Како реагираа твоите?

-Па сите беа шокирани, но јас многу сум им благодарен што ми дадоа поддршка, голема поддршка. Им благодарам и на сите Македонци кои застанаа на страната на правдата. Казнет сум со шест месеци условно. И тоа е.

Кога ти дојде полицијата на врата што ти рече сопругата?

-Што да рече. Дојдоа инспектори, mе викнаа во полиција на испрашување. Јас си го признав делото. Понатаму веќе се знае. Бев 24 часа во самица и неколку дена во притвор. Тоа е едно искуство за мене кое не се опишува. Иако морам да кажам дека и полицијата и затворениците беа сосема коректни кон мене.

Што размислуваше додека беше во самица?

-Многу лошо е во самица, многу е тешко психички. Мислам дека тоа ми беше најтешкиот ден во мојот живот. Изолиран потполно од цел свет. Во ниеден момент не можеш да побараш никого и ништо. Соочен сам со себе. Можеби и таа вечер пораснав. Мислев дека треба можеби такви нешта да се прават, но можеби и не. Да се реагира поинаку. Не знам. Многу мисли ми пролетаа низ глава.  Кога излегов од притвор имаше многу позитивни коментари. Но, и негативни. Ова не сум го кажал никаде, освен на мојот адвокат. Имав и закани по живот. Добивав цел месец пораки со закани од странски броеви и профили. Ова го кажав на адвокатот, го кажавме и на полицијата. Јас не се плашам. Не убив никого, само го искажав својот револт. Навистина ми е драго што никој не настрада.

Се појави на протестот против францускиот предлог. Тоа беше доволно да те поврзат со политичка партија. Си член на некоја партија? Колку твоите постапки се политички, како што беше на протестот, кога симболично го палеше францускиот предлог?

-Јас ја поддржувам идеологијата која во себе носи заштита на својата татковина. Не сум член на ниедна партија и секогаш така ќе биде. Мислам дека таа идеологија сите партии треба да ја имаат, но за жал ја немаат. Тоа го покажале на дело. Дека не им е битно тоа што е суштината на една држава.
Дали многу нешта очекуваше кога се враќаше од Америка и сега се разочара?

-Можеби има мала разочараност бидејќи сега за сега не се менуваат работите на подобро. Барем сега за сега така ми личи. Но, не се откажуваме, одиме напред со иста мисла.

Може да се случи да ти пукне филмот па пак да се вратиш во Америка?

-Би сакал да сум дома. Но, во животот ништо не се знае.

Да не подготвуваш некоја песна, која би се викала „Пироман“?

-Хахахха… Не, не….  Такво нешто сигурно не.  Песни има и ќе има. Јас ја сакам македонската музика. Затоа и бев на Валандово, ја сакам и народната музика, таа е дел од нас. Летово снимив една нова, а имам и песни кои не се ставени на албум. Па на пролет можно е нов албум.. Ќе видиме…

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7