ОЈО Скопје и ЗНМ прецизираа насоки за постапување по предмети поврзани со безбедноста на новинарите
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/1/22 8:31 AM

ОЈО Скопје и ЗНМ прецизираа насоки за постапување по предмети поврзани со безбедноста на новинарите

Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, која беше назначена да го следи и координира постапувањето во предметите поврзани со безбедноста на новинарите, одржаа состанок со претставници на Здружението на новинари на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, на кој ги прецизираа надлежностите и начинот на постапување на Хаџи Василева во постапките во кои како оштетени, сведоци или пријавени лица се јавуваат новинари.

Како што соопштија од скопското Јавно обвинителство, на средбата беа презентирани статистички податоци за досегашните евидентирани напади и закани врз новинари, како и напорите и ограничувањата за забрзување на ваквите постапки.

Бубевски истакна дека целта е на овој начин да ја зголемат довербата на граѓаните во Јавното обвинителство, а и јавниот интерес во овој контекст да биде задоволен.

-Заедно ќе ги лоцираме некои од работите кои се поакутни, порелевантни и позначајни кога станува збор за нападите врз новинарите. И сега, без законската рамка која ја чекаме, имаме поле за конструктивна соработка, додаде Хаџи Василева.

Од претставниците на новинарското здружение беше нагласено дека годинава има засилен тренд на напади врз новинари, особено кога станува збор за онлајн напади.

-Не може да се случат суштински општествени промени, ако правдата за новинарите е непостоечка, ако правосудството и медиумите не се ослободат од надворешното влијание, ниту пак ние како новинари би можеле да ја вршиме нашата професија, ако сме во постојан страв за нашата безбедност, рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски кој изрази задоволство за воспотавувањето на новото ниво на соработка со ОЈО Скопје.

Ова е пилот-проект кој по првпат се воведува во Основното јавно обвинителство Скопје и кој ветува повисок степен на заштита на новинарите и медиумските работници во врска со нивната работа.

-Тенденција на Јавното обвинителство на РСМ е во иднина да се испита можноста обвинители кои ќе го следат постапувањето во предмети поврзани со безбедноста на новинарите да се назначат и во други градови од внатрешноста. Сите јавни обвинителства даваат приоритет во постапувањето по предметите поврзани со безбедноста на новинарите и продолжуваат да ја унапредуваат соработката со новинарските здруженија, со цел да се санкционира секое кривично-правно загрозување на слободата на изразување, стои во соопштението.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7