Би-би-си: Зa Владимир Глигоров, oдличен познавач на транзицијата и можностите на Балканот
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/28/22 3:15 PM

Би-би-си: Зa Владимир Глигоров, oдличен познавач на транзицијата и можностите на Балканот

На 78-годишна возраст во Виена, почина економистот и политиколог Владимир Глигоров кој важеше за одличен познавач на процесот на економска транзиција во земјите од Југоисточна Европа, пред се во поранешна Југославија, пишува Би-би-си на српски јазик.

„Нема сомнеж дека транзицијата се покажа како неповратна, што секако кажува нешто за усогласувањето на очекувањата со постигнувањата. Меѓутоа, денес очекувањата не се исполнети, бидејќи повторно во некои земји се губи една деценија. Како резултат на тоа, има поборници за подигнување на нови ѕидови, или меки, протекционистички или тврди, автотарктични, напиша Глигоров во написот во белградски Нов магазин пред осум години.

Глигоров ќе остане запаметен и како еден од 13-те интелектуалци кои ја обновија работата на Демократската странка (ДС) во 1989 година, по враќањето на повеќепартискиот политички систем.

Глигоров е роден 1945 година во Белград. Неговиот татко, Киро Глигоров, беше долгогодишен висок функционер во социјалистичка Југославија и прв претседател на независна Република Македонија.

Основните и магистерските студии ги завршил во Белград, а докторирал во 1977 година на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Работел на Универзитетот во Белград, а од 1994 година се вработува во Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Од Виена најмногу се занимавал со Западен Балкан, особено со Србија, Црна Гора и Северна Македонија, како и со макроекономски анализи и финансиски пазари.

Глигоров беше постојан соработник на Oxford Analytics, меѓународна консултантска фирма која обезбедува стратешка анализа на светските настани.

Пишуваше за Wall Street Journal и бројни дневни весници и списанија во Југоисточна Европа.

Анализирајќи го процесот на транзиција – преминот од социјализам во капитализам во земјите од Источна Европа – Глигоров тврдеше дека нема многу смисла да се бројат првите неколку години, кои се карактеризираат со „преодна рецесија“.

„Точно е дека некои економисти пресметаа дека транзицијата нема да чини ништо, бидејќи системот што се напушта е толку неефикасен што може да се подобри дури и ако постепено се менува. А особено ако брзо се промени“.

Сепак, објасни тој, беше неопходно да се отфрли многу тоа наследено за воопшто да се продолжи напред по падот на Берлинскиот ѕид кон крајот на 1989 година.

„Навистина, уривањето на ѕидот резултираше моментално зголемување на слободата, што е пример за тоа големо и сеопфатно подобрување, но тоа не е исто како и зголемувањето на економската ефикасност, воспоставување на владеење на правото, за што е неопходно јасно утврдување на имотните односи и стабилизирање на демократијата“.

Глигоров истакнуваше дека демократијата се покажала како ефикасен систем каде што преку транзиција се воспоставува нова власт, со што се обезбедува легитимност на системските промени.

„Таму каде што демократизацијата беше одложена, да речеме во Србија или во Русија, политичките последици беа лоши и во однос на легитимноста и стабилноста, до денес, а не само во првите години. Ова е всушност најважната карактеристика на европските транзиции: прво демократија, па реформи“, напиша Глигоров.

За својот татко, тој кажа дека „веќе од крајот на Втората светска војна, Киро Глигоров добил важна улога во комунистичкото движење што ќе одбележи голем дел од неговата кариера – чувар на македонските, а потоа и на југословенските финансии. Тој стана министер за финансии во 1948 година и на таа функција остана четири години, за да се врати на функцијата во 1962 година како Сојузен секретар за финансии со клучна задача да го реформира економскиот систем на комунистичка Југославија.

„Економските реформи носеа далекусежни идеи, имплицираа промени во надворешната политика, демократизација, вклучување во новата Европа што се појавува. Тоа беше време на неговиот политички подем, кој заврши со неуспех на тој потфат“, рече Владо Глигоров за таткото си на крајот на 2021 година за Би-би-си на српски јазик.

Тој за Киро Глигоров додаде дека оставил и големо општествено-политичко наследство и да имал исклучителни политички и општествени способности, трпение, „тој е редок човек кој преживеа се што се случуваше во Југославија – чистките беа неизбежни, луѓето се менуваа“.

„Поседуваше силна внатрешна психолошка рамнотежа, со кого и да разговараше, завршуваше со пријателски тон, изјави Владимир, додавајќи неговиот татко бил незадоволен од тоа што учествувал во распадот на Југославија.

MIA


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7