Општина Штип одлучи да се задолжи преку обврзница од 4 милиони евра - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/27/22 2:24 PM

Општина Штип одлучи да се задолжи преку обврзница од 4 милиони евра

 

Советот на Општина Штип донесе одлука за задолжување од 4 милиони евра преку издавање на обврзница, за што сепак, конечниот збор ќе го има Министерството за финансии, кое ќе треба да ја види ликвидноста на општината. Министерството може да го одобри или одбие издавањето на обврзниците, врз основа на финансиската кондиција на Општината. Потоа, следи процесот на издавање на обврзниците, кога ќе се утврди и висината на една обврзница како и каматата. Опозицијата прашува дали ова задолжување е неопходно доколку општинскиот буџет е во одлична кондиција како што тврди власта, која пак има намера со задолжувањето да го продолжи булеварот „Партизанска“, обиколницата, да ги догради конзолите на реката Отиња, изградба на затворен пазар и да спроведе неколку проекти за енергетска ефикасност. Меѓу овие планирани проекти се поставување на фотоволтаични централи на покривите на зградата на Општината, ЈП „Исар“ и ООУ „Ванчо Прке“, како и набавка на турбина за производство на струјата од протокот на вода во филтер станицата.

За да може да ја добие дозволата за издавање на обврзници, Општината планира да го отплати целиот долг кон Министерството за финансии од 20 милиони денари, колку што е наталожените и невратени заеми на општината кон државата. Со цел да се обезбедат тие 20 милиони денари, Општината ќе направи ребаланс на буџетот.

Тоа се накратко плановите, кои според градоначалникот Иван Јорданов ќе ја направат прва општина во државата, која ќе се задолжи со обврзници. Како што изјави, ова не е задолжување туку начин на финансирање на капитални проекти.

-Ова е чекор кој се случува во западно-европските држави. Обврзницата е доказ дека општината работи ликвидно, транспарентно и има зголемени приходи. Во апсолутен број долгот го намалуваме, но бараме финансирање по принцип на одложено плаќање, изјави градоначалникот Јорданов.

Советничката од СДСМ Маријана Рогожарска – Поповска рече дека ова е нов обид за задолжување, откако не успеа претходно најавеното кај комерцијалните банки. Таа забележа дека се бара одобрување на задолжување, без да се знае точно колку чинат одделните проекти, предвидени за финансирање.

-Како ние како советници ќе знаеме кој проект колку чини? Дали ваквата сума од 4 милиони евра одговара со проекти кој колку чини? Во законот е предвидено да се достави и целокупната документација за проектите. Ние тоа го немаме во одлуката, рече Рогожарска – Поповска.

-Проектите се во завршна фаза и имаме приближен буџет и сите се во рамките на 4 милиони евра, одговори Вишна Шорова, секретар на Општина Штип.

Говорејќи за финансиската кондиција на општината, градоначалникот Јорданов ја критикуваше претходната локална власт на СДСМ, која како што рече, не ги враќала долговите кон Министерството за финансии, па сега за една година новата локална власт вратила еден милион евра.

-Во последните пет години, како што пишува во извештајот на Државната ревизија немало присилна наплата на данок на имот и никој не сноси одговорност зошто не се наплатени 4,5 милиони евра. 4,5 евра застарен неплатен данок се сите овие проекти. Кога ќе се создадат услови, овој извештај ќе го однесеме во Обвинителството. Сега во овие заробени институции и да го однесеме нема кој да го разгледа, рече Јорданов.

Според Законот за финансирање на ЕЛС, општините може да се задолжат преку издавање на хартии од вредност за финансирање на капитални објекти.

„Советот на општината го одобрува долгорочното задолжување, по претходно одржана јавна расправа во општината. Предмет на јавната расправа е опис на проектот и условите за негово финансирање“, пишува во член 20 од Законот за финансирање на ЕЛС.

Градоначалникот Јорданов вети дека задолженоста на општината и натаму ќе остане ниска, односно исто ниво, но затоа ќе има пет нови проекти, од кои поголем дел ќе бидат во обновливи извори на енергија, во ситуација кога месечно сметките за струја се 300.000 евра.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7