Производство на храна за животни од инсекти - Македонски зелен бизнис награден во Грција
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/26/22 3:14 PM

Производство на храна за животни од инсекти – Македонски зелен бизнис награден во Грција

Минатата недела, во Солун, Грција беа прогласени победниците од  регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“.

Во категоријата на зелени бизниси победничка беше македонската идеја „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Прилеп, која освои 10.000 долари. Останати победници во категоријата за  зелени бизнис се: Органела- Градината што може да направи сe’ (Србија) и Спорос -Институт за регенерација (Грција), додека во категоријата ембрионски концепти победници се „Двор за органско рециклирање “(Црна Гора)  и „Истражување за еко решенија (Косово). Секоја година македонски зелена идеја е наградена во конкуренција на 21 учеснички идеи и ова е вкупно 9-та награда, што е доказ дека нашата земја има вистински потенцијал во зеленото социјално претприемништво.

„Нашата идеја има за цел да го искористи огромниот потенцијал на инсектите за бенефитите на глобалната популација и да придонесе за „Протеинскиот предизвик 2040“, задоволувајќи ги  потребите од протеин на начин кој е достапен, здрав и добар за животната средина. Начинот на кој ги храниме животните мора драстично да се смени. Инсектите се иднината на производството на протеин и на синџирот за исхрана. Ние сме среќни што победивме на регионалниот натпревар и наградата дефинитивно ќе ни помогне во побрзо реализирање на нашата идеја.”- изјави Александар Каравилоски (Ве Дог Фуд), македонски победник.

Оваа година нашата земја настапи и со идеја во категоријата на ембрионски концепти- идејата „Пели“ за кревање на свеста за селекција и рециклирање на пелени, која Јана Ангеловска одлично ја претстави пред жирито.

Натпреварот се одржа во два дена и вкупно учествуваа 20 иновативни идеи  од 6-те земји од Западен Балкан и Грција, кои освен на натпреварувачкиот дел учествува и на експертски сесии за подобри преговарачки вештини и убедување. Натпреварот „Зелени идеи од Балканот“ 11 години по ред го поддржува развојот на успешни зелени идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Натпреварот е алатка за кревање свест, едукација и финансиска поддршка на зелените социјални бизниси.

АРНО е национален организатор на настанот од 2015-та година, и како здружение кое работи во областа на социјални иновации потврдува дека зелената и социјалната економија се блиски до македонските граѓани и се области кои имаат голем потенцијал за развој на земјата.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7