Сонда на НАСА треба да се урне на астероид и да му го смени правецот
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/26/22 9:33 AM

Сонда на НАСА треба да се урне на астероид и да му го смени правецот

Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) денеска ќе изврши проба со контролирано уривање на летало со цел менување на правецот на движење на астероид. Пробата се врши за да се изучат техники за менување на правец на астероид во случај на негов судир со Земјата.

Вселенската сонда на НАСА наречена Двојна измена на правец на астероид (ДАРТ) денеска попладне треба да се урне на Диморфос, помал астероид кој кружи околу Дидимос, поголема вселенска карпа.

Овие два објекта се наоѓаат во близина на Земјата но не претставуваат непосредна опасност за нашата планета. НАСА го лансираше ДАРТ лани за да се тестираат техники што еден ден би се употребиле за планетарна одбрана во случај на пад на голем метеор на Земјата.

Сондата треба да се урне на Диморфос денеска во 19 часот и 14 минути по источноамериканско време, со брзина од 23.000 километри на час.

НАСА ќе го емитува настанот во живо на својата веб-страница, преносот ќе почне во 18 часот. Притоа, половина час претходно НАСА ќе емитува фотографии од вселенското летало како тоа се приближува до астероидот. Тоа е возможно бидејќи помало летало, ЛисијаКјуб, е пуштено паралелно со ДАРТ да прави фотографии од судирот.

Во оваа мисија се користат средства одобрени од Конгресот кој во 2005 година даде мандат на НАСА до 2020 година да детектира 90 отсто од сите астероиди во близина на Земјата доволно големи да уништат цел град, a такви се оние со дијаметар од 140 метри или пошироки.

НАСА досега детектираше такви астероиди, но поради кратење на средствата околу 15.000 објекти остануваат да бидат откриени.

МИА
Фото: МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7