Да не се субвенциите, граѓаните би плаќале пет пати повисоки сметки за струја - вели премиерот - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/25/22 8:42 PM

Да не се субвенциите, граѓаните би плаќале пет пати повисоки сметки за струја – вели премиерот

Шестотини илјади домаќинства и седумдесет илјади компании кои се на регулираниот пазар во државава се снабдуваат со субвенционирана струја. Ако Владата не субвенционира 80 проценти од цената на струјата, сметките на граѓаните би биле пет пати повисоки, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

Тој тврди дека Владата води интензивни преговори со земјите од соседството и други држави за да се обезбеди електрична енергија по поволна цена за стопанството, големите потрошувачи. Во државата пак со полн капацитет работат државните електрани.

-Направивме состаноци со сите соседни држави со цел да се овозможи непречен проток на енергенси. Со Република Грција за непречено снабдување со јаглен и со мазут, бидејќи мазутот доаѓа од Грција во Северна Македонија. Со Република Албанија за непречен проток на јаглен исто така, бидејќи и таму има наоѓалишта на квалитетен јаглен. Сега ќе отпочне со работа вадењето на руда од рудникот Живојно. Ги активиравме капацитетите коишто порано не беа користени за електрична енергија, Осломеј, ТЕЦ Неготино. На барање на Стопанската комора и други стопански комори веќе разговаравме со Република Бугарија да нема прекинување на меѓународните конекции за електрична енергија во текот на зимата – истакна премиерот Ковачевски во интервју за НРТВ.

-Во изминативе 10 години, на три пати се има случено тоа, при недостаток на електрична енергија да има прекин на меѓународниот транзит на електрична енергија. Исто така разговараме и со Република Србија, со Република Бугарија, со Република Турција за обезбедување на електрична енергија по цени кои ќе бидат соодветни на нашето стопанство – посочи тој.

Претседателот на Владата додаде дека во моментов се одвиваат состаноци, во кои е вклучен и претседателот на Стопанската комора, за изнаоѓање решенија, за компаниите да се обезбеди електрична енергија по поевтина цена од онаа на светските берзи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7