(Видео) Разбирам дека граѓаните се уморни одејќи кон ЕУ, но немаме друга алтернатива - Ковачевски се обрати во Њујорк
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/24/22 7:47 PM

(Видео) Разбирам дека граѓаните се уморни одејќи кон ЕУ, но немаме друга алтернатива – Ковачевски се обрати во Њујорк

Неопходно е заедништво за да се обезбеди трајна слобода и мир во светот, порача премиерот Димитар Ковачевски, обраќајќи се пред присутните на генералната дебата на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

– Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот, истакна Ковачевски.

Во обраќањето пред светските лидери, тој се осврна и на војната на Русија во Украина, нарушеното снабдување со храна на светот, борбата со тероризмот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катстрафи предизвикани од нив. 

„Цел на Северна Македонија е мир. Ние сме земја која учи дека пријателството зависи од заедништото. Нашата земја  е пример за мултиетничка демократија во регоинот и во светот, и значаен партнер на ЕУ и на сојузниците од НАТО“, рече Ковачевски. 

„Водејќи се од овие политики на мостови, преку функционална дипломатија, дијалог и разбирање, постигнавме остварување на стратешката цел – полноправно членство во НАТО и денес сме достоинствена членка на Алијансата. И по 17 години од добиениот кандидатски статус, ги почнавме преговорите со Европската унија. Од исклучителна важност за мојата земја е забрзаната интеграција во ЕУ и ние сериозно работиме на сите потребни чекори кон реализацијата и на оваа втора, државна, стратешка цел“, додаде премиерот во своето обраќање.

Според него, граѓаните на земјава заслужуваат најголем кредит бидејќи како што рече, предолго го чекаа овој момент.

„Јас разбирам зошто можеби се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца. Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Дотолку повеќе, сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа, уште побрзо напред“, додаде Ковачевски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7