Ќе продолжи ли градбата на Клиничката болница од Штип? - Бетон и грчки Интракат вонсудски се спогодиле
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/22/22 12:26 PM

Ќе продолжи ли градбата на Клиничката болница од Штип? – Бетон и грчки Интракат вонсудски се спогодиле

Повлекување на пријавата за стечај, одблокирање на сметката на грчката компанија Интракат во замена на исплата на долгот кон Бетон – Штип од близу два милиони евра без камати. Ова е договорот постигнат по речиси три години правна борба меѓу грчката компанија, која го доби меѓународниот тендер за изградба на Клиничката болница во Штип и ангажираниот подизведувач Бетон – Штип, компанија која во меѓувреме поради овој спор, влезе и излезе од стечај и се реорганизира.
Ванчо Мијалчев, директорот на Бетон, денеска објави детали за постигнатата вонсудска спогодба со која, како што рече, се дава отворен пат да продолжат градежните работи на Клиничката болница.
-Веќе три години водиме спор за да ги наплатиме нашите побарувања врз основа на сработеното во Клиничката болница – Штип. Во изминатиот период бевме споменувани како причина зошто не се гради болницата, што на некој начин беа шпекулации, еве, со медијаторство на градоначалникот на Штип, кој единствено ја разбра проблематиката на оваа болница, дека е од поголем интерес на граѓаните од цела источна Македонија, ние направивме потег и прифативме вонсудски да се спогодиме и да се откажеме од каматите, да прифатиме долгот да се плати на рати, да дадеме шанса и Интракат да не отиде во стечај, да го продолжи овој проект и заедно со Министерството за здравство и надлежните институции да го завршат овој проект, изјави Мијалчев.
На потег е Министерството за здравство, односно Единицата која го води овој проект за утврдување на динамиката на работите, смета Мијалчев, кој рече дека Бетон ја завршил својата работа со повлекување на пријавата за стечај на Интракат и деблокирање на сметката.
-Договорот значи дека ние ќе си ги наплатиме парите според утврдената динамика за да може да ги сервисираме доверителите на Бетон – Штип. Вториот момент е што ги повлековме сите пријави, го повлековме барањето за стечај и дадовме шанса проектот да се заврши, објасни Мијалчев.
Медијатор во постигнувањето на вонсудската спогодба бил градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој рече дека е отстранета главната пречка што ја споменуваа владата и Министерството за здравство, спорот меѓу изведувачот и подизведувачот.
-Очекуваме од нивна страна да се одобрат финансиски средства, затоа што се отстранети сите пречки за изградба на Клиничката болница и на задоволство на граѓаните на Штип и источна Македонија да се заврши болницата и да добиеме подобри услови за лекување, изјави Јорданов.
Изградбата на зградата на новата Клиничка болница повеќе од две година е речиси целосно застаната, по што Банката на Советот на Европа ја повлече третата транша на заемот. Со тоа, болницата остана без финансирање. Владата соопшти дека ќе се бараат нови извори. На наше прашање пред два месеци, премиерот Димитар Ковачевски одговори дека нов извор на финансирање се’ уште не е најден.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7