(видео) Повременото заматување на водата од чешмите на штипјани не е од „Злетовица“ - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/22/22 1:48 PM

(видео) Повременото заматување на водата од чешмите на штипјани не е од „Злетовица“

Фотографии со заматена вода од штипскиот водовод со прашања каде е проблемот повремено можат да се сретнат по социјалните мрежи. Последните се од една од популарните штипските групи на Фејсбук, каде во дел од коментарите се упатува на водата од Хидросистемот „Злетовица“, од каде веќе неколку месеци Штип се снабдува со вода за пиење.


Од „Злетовица“ се децидни – во никој случај не можат да бидат одговорни за заматената вода во чешмите, бидејќи водата од хидросистемот доаѓа само до филтер станицата, која потоа се преработува, хлорира и бистра и чиста се испорачува до крајните корисници. Отидовме на лице место, на Зафат 3, од каде се одделуваат цевките за вода, со кои се испорачува вода за штипјани. В.д. директорот на „Злетовица“ Љупчо Благоевски го објасни системот на испорака на вода.
-Водата се испорачува по гравитационен пат до филтер станицата. Со влегувањето во филтер станицата, веќе настанува преработка со ултрафилтрација, по што водата излегува идеално чиста, бидејќи ултрафилтрацијата е модул со којшто водата може да се користи за пиење директно. Хлорирањето е законска основа, кое го користат во филтер станицата за да се добие хлорирана вода во мрежата. После филтер станицата, водата се испушта во базените во самата филтерница каде водата на нулти притисок излегува во дистрибуција во мрежата во Штип, објаснува Благоевски.


Веројатниот проблем, според Благоевски е водоводната мрежа низ градот. Познато е, а на тоа постојано укажуваат надлежните и од „Исар“ и Општина Штип дека цевките со кои се испорачува вода во градот се стари 50, 60 па и 70 години. Дотраената водоводна мрежа со месеци предизвикува повремени прекини со водоснабдување. Благоевски како пример го наведува Пробиштип, градот кој веќе девет години се снабдува со вода од „Злетовица“ и никогаш немало проблем со водата. Таму цевките се понови, вклучувајќи ги и тие од секундарната водоводна мрежа.
-Тоа е најверојатно од самата секундарна мрежа што ја има во Општина Штип. Оти не може по филтер станицата во базените да излезе матна вода. Филтер станицата е целосно автоматизирана и нејзиниот процес не дозволува да излезе матна вода од неа. Тоа е проблем на секундарната мрежа, која треба самите градски власти да го решат тој проблем, изјави Љупчо Благоевски.
На Зафатот 3, од каде се издвојува водата за Штип се прават редовни контроли на квалитетот на водата за пиење. Марија Зафировски, која е задолжена за мерењата, објаснува дека во ниту еден случај површинската вода од сливното подрачје на река Злетовска, вклучително и Зафат 3, не ги надминува максимално дозволените концентрации.

-Имаме параметри кои се мониторираат секојдневно преку СКАДА системот. Еднаш неделно или доколку е неопходно и почесто се мониторираат основните физичко – хемиски својства на водата. Еднаш месечно од акредитирана лабораторија, во моментот Центарот за јавно здравје од Штип, врши основна анализа на водата, која вклучува физичко – хемиска и микробиолошка анализа. Два пати годишно се врши комплексна анализа, која вклучува физичко – хемиска и микробиолошка анализа, анализа на присуство на пестициди, паразитолошки преглед и преглед на радиоактивноста во водата. Согласно прописите и законските обврски, водата може да се испорачува до филтерниците и е погодна за преработка, објасни Марија Зафировски.


Замената на дотраените водоводни цевки во Штип стана голема потреба по двете големи летни хаварии, кои речиси цел град на тропски температури остана без вода за пиење. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов веќе најави референдум, на кој очекува граѓаните да се изјаснат 1,2 милиони евра од самопридонесот да се наменат за замена на старите азбестни цевки. Оваа сума не е доволна за целосна замена на старите цевки, но најавата е дека локалната власт ќе бара грантови и да предвиди средства од општинскиот буџет.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7