Деменцијата ги краде спомените, стигма е дека таа им се случува само на старите - Одбележан денот на Алцхајмерова болест 
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/21/22 3:32 PM

Деменцијата ги краде спомените, стигма е дека таа им се случува само на старите – Одбележан денот на Алцхајмерова болест 

Светскиот ден на Алцхајмерова болест беше одбележан денеска на плоштадот „Македонија” во Скопје од каде беше испратена порака дека сите општествени чинители од секоја сфера треба да се вклучи во поддршката за добивање подобра нега на лицата со деменција.

Претседателката на организаторот на настанот, граѓанското здружение „Институт за Алцхајмерова болест и невронаука – Скопје”, д-р Габриела Новотни истакна дека особено е видлива потребата од дневни центри, едукација, како и професионални негуватели.

– Ние сме должни да го направиме сето ова за овие лица. Во Македонија тоа се најмалку 20 илјади семејства. Алцхајмеровата болест која ги краде спомените не ја зафаќа само индивидуата, туку и целото семејство го вовлекува во својата болест и тоа трае со години. Во изминатите две до три години не успеавме да постигнеме напредок во дијагностичките методи. Ги имаме дури и творните биомаркери кои се во дијагностичкиот протокол ширум светот, меѓутоа добивањето на дијагнозата не значи и крај на болеста, изјави Новотни.

Според неа, потребно е не само да се препишат лекови, туку и да им се помогне на семејствата во грижата за своите сакани, бидејќи некои од нив не се едуцирани како да постапат со одредени однесувања, па бараат помош и во доцните часови се јавуваат на клиниките.

– Потребни се професионални негуватели. Потребни се дневни центри. Знаете болеста ги краде мемориите, но ние не смееме да им го украдеме квалитетот на живот, љубовта, радоста, среќата. Тоа се емоции тоа не е меморија, додаде Новотни.

Таа ја искористи приликата да испрати порака до докторите, психолозите, социјалните работници и оние кои ги креираат здравствените политики да се насочат кон заедничка промена кон подобро. Во однос на дневните центри, Новотни истакна дека иницијативата постои на хартија и како и позитивни вибрации, но дека во пракса не доаѓаат до израз.

Таа додаде дека како старее населението се зголемува и бројот на лица со оваа болест, потенцирајќи дека верувањето оти само старите лица заболуваат од неа е погрешно.

– Дека оваа болест е само на старите лица е стигма, има многу млади работоспособни лица кои може се во фаза на добивање дијагноза или веќе ја имаат – истакна Новотни.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7