ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/21/22 9:30 AM

„Не нè заборавајте, ќе се бориме додека дишеме“: Анжелика Колева е жена за почит, се грижи за себе, но и за децата со посебни потреби

Емоциите предизвикани од борбата со ракот на дојка преточени на сликарското платно. Уметницата Анжелика Колева на искуството со карциномот му додаде уметничка нишка и го претстави преку делата обединети под името „Фрагменти на едно постоење“. Колку уметноста може да им помогне на луѓето кога се соочуваат со еден голем предизвик какo што е карциномот и какви поуки може да се извлечат од тоа, се само дел од прашањата за кои Колева искрено проговори за Македонски медиа сервис.

Рутинската контрола со ехо и мамограф направена минатата зима, за уметницата Анжелика Колева донела многу полоши резултати од очекуваните. Тој февруари таа останала во шок соочувајќи се со дијагнозата карцином на дојка – искуство од кое успеала да извлече позитивна поука и за кое сега храбро говори јавно.

Една недела по добиените резултати, Анжелика отишла на операција за отстранување на двете гради. Иако хирургот ѝ укажал дека може да отстранат само еден дел, таа одлучила да направи комплетна мастектомија. Набргу потоа, на Клиниката за онкологија било одлучено дека таа ќе мора да помине низ процес на шест хемотерапии, но како што вели, и во таквиот период се трудела да шири позитивна енергија.

Споделувајќи фотографии од делата во нејзиното ателје, позирајќи покрај нив со насмевка, оваа уметница за кратко време ги освои симпатиите на другите онколошки пациенти. Контактите со нив како што вели, прераснале во искрени пријателства, па споделените емоции решила да ги преточи на сликарското платно. Измешаните емоции предизвикани од искуството со болеста, Колева ги преточи во уметнички дела, кои ги претстави преку изложбата „Фрагменти на едно постоење“.

„Преку оваа изложба е претставено патешествието кое година ипол го водев со канцерот на дојката. Всушност додека сме живи ќе ја водиме, така што сакав таа дадена шанса за борба да ја пренесам на платно. Главен лик е жената, јас ги пренесувам преку сликите емоциите и на другите жени за кои дознавам преку разговори со нив од секојдневието. Целата инспирација за изложбата беше таму“, вели Колева.

Станува збор за 30 нови дела насликани на платно и стари грамофонски плочи.

-Ова се слики буквално направени откако ми е поставена дијагнозата. Тоа беше во февруари лани кога дознав дека имам канцер и тоа на редовна контрола, баш бев шокирана. Година ипол траеше тој процес на создавање на овие дела. Можеби можев повеќе, и можам. Сѐ уште имам инспрација, но решив да ја направам сега и да завршам еден „семестар“ од мојот живот со оглед на тоа дека оваа година направив јубилејна роденденска забава, 50-годишна. Сакав сето тоа да го сврзам во едно, почнуваме ново поглавје, нов живот со повеќе творења во иднина и дружење во иднина – низ насмевка додаде уметницата.

Во Македонија арт терапијата веќе добива на популарност, па ја прашавме Колева дали уметноста навистина го олеснува чекорењето по патот полн со предизвици.

„Токму арт терапијата ми помогна најмногу, иако тоа го работам цел живот и секогаш велев дека емоциите ги исфрлам така. Сега со оваа изложба, длабоко верувам дека не сум се искажувала доволно, но и дека не е доволна арт терапијата, туку треба и малку повеќе да говориме на таа тема, конкретно за таа состојба, која не би ја рекла болест. Не го сфаќам толку трагично, можам да кажам дека ракот како рак ме научи дека животот треба повеќе да го сакаме, да го сакаме секојдневието и луѓето околу нас, да црпиме позитивна енергија постојано. Јас ова го препорачувам како арт терапија бидејќи во мојот случај психолошки многу ми помага и уживам во сето тоа што го работам“, посочува Анжелика.

Вели дека карциномот ја променил и ѝ помогнал повеќе да се става себеси на прво место.

„Јас сум фамилијарна жена, но многу се променив. Сега гледам мене како треба да ми тече денот, не дека не им се наоѓам на моите најблиски, но гледам како ми одговара. Не сакам негативности и сожалување. Ние пациентите, сакаме љубов, да ја шириме и да ни ја даваат. Би им препорачала на сите да ја црпат позитивната енергија во љубовта, фамилијата и пријателите. Да дишат со полни гради додека можат“, порачува храбрата уметница.

Периодот пак, во кој успеала да научи нови лекции е исполнет со разни емоции и вели дека преку она што го создала со боите и четките, точно покажува низ што поминала и како се чувствувала.

„На овие дела има сѐ, буквално емоции на сѐ. Самите ќе забележите во сликите, моето расположение кога сум ги работела, како сум била тогаш расположена, дали сум била расплакана, дали сум била среќна, без коса, со турбан на глава и секојдневието кое сега го живеам“, додава Колева.

Во пресрет на октомври кој се одбележува како месец за подигнување на свеста за ракот на дојка, таа апелира до јавното здравство дека мора да има терапии, а до жените со карцином дека мора да се борат додека дишат.

-Прво би апелирала до нашето јавно здравство дека мора да има терапии, не може да нѐ забораваат и да се простат од нас. Ние сме борци и ќе се бориме сѐ додека дишеме. На жените би им посакала да се исклучат од сѐ негативно, да прифаќаат сѐ позитивно и да се борат до последен здив за себе. Да бидат „посебични“ – порачува Анжелика.

Нејзините најблиски, меѓу кои и жените со кои изградиле пријателства по дознавањето на дијагнозата, дојдоа на отворањето на изложбата со подароци кои ќе бидат дадени во хуманитарни цели, откако Анжелика побара наместо букет да донесат училишен прибор.

„Јас работам со деца со посебни потреби и имаме најава дека од октомври и други колеги ќе се приклучат кон работата со нив. Јас веќе работам со нив и креираме, па од таа гледна точка сакавме да им олесниме и на родителите. Дел од подароците ќе бидат наменети за децата кои се онколошки пациенти, можеби и тие ќе се сложат за некаква соработка, зависно што ќе кажат докторите“, додаде Анжелика.

„Фрагменти од едно постоење“ е шеста самостојна излжба на Колева и ќе биде отворена до 25-ти септември.

 

Вања Мицевска

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7