ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/13/22 1:00 PM

Време ли е за нови даночни реформи, ни треба ли прогресивен данок и што со хонорарците – „Стадион“ на Канал 77 со даночните експерти Смилевски, Лазовски и Гацов

Даночни реформи се споменуваат многу често. Кај нас искуството покажува дека употребата на зборот даночна реформа не е секогаш реформа во вистинската смисла на зборот, туку спорадични, ад хок мерки кои некогаш повече прават дисторзија на самиот даночен систем отколку позитивни ефекти. Ова денеска го истакна во емисијата „Стадион“ даночниот експерт Борче Смилевски зборувајќи за најавените нови даночни реформи.

Смилевски смета дека тајмингот за правење даночни реформи сега е комплетно промашен. Вели дека негова проценка е оти предложените измени се направени од некој што не се разбира од даноците. Сите предлози вели се однесуваат на анулирање или намалување на постојните даночни ослободувања во законот.

– Се уште не ги знаеме во детали новите реформи, освен од она што го гледаме по медиумите. Легитимно е да се прават измени во даночните закони за да имаат попозитивни ефекти и не мислам само на фискалниот ефект. Со оглед на она што го слушнавме како предлози овде исклучиво станува збор за фискалната функција, односно владата има намера да ги зголеми даночните приходи. Тоа значи зголемено даночно оптоварување за даночните обврзници. Во принцип за да ги зголемите даночните приходи може најлесно да ги зголемите даночните стапки и да ја остварите истата функција. Во овој случај не се оди на зголемување на даночните стапки,  веројатно затоа што е лоша перцепцијата кај даночните обврзници, па сега се оди во делот на даночната основа и даночните поттикнувања. Зголеменото даночно оптоварување повторно ќе го погоди најмногу стопанството, оние што често си го плаќаат данокот, а не видовме ниедна мерка за тоа како владата ќе се справи со сивата економија која е многу присутна во државата вели Смилевски.

Неговиот колега, даночниот експерт Славко Лазовски, пак, смета дека нема лошо време за даночни реформи. Тој вели дека нема прогрес ако немаме добар даночен систем.

–  Придобивките од даноците се на сите страни од добар даночен систем. Најголеми противници секогаш се политичарите, само тие успеваат да ги замајуваат грашаните дека со ниски даноци ќе оствариме добро живеење и сл. Сите проблеми се присутни токму поради отсуство на здрави даночни реформи, ние 30 години не можеме да се пофалиме со добри даночни реформи. Јас очекувам и се радувам што воопшто зборуваме за даноци сега, бидејќи нови решенија ни се потребни вели Лазовски.

Смилевски зборувајќи за прогресивното оданочување вели дека смета оти се уште не е дојдено времето за тоа. Тој вели дека ние пред 15-20 години имавме прогресивно оданочување, а сепак немавме зголемена стапка на развој, туку напротив, имавме големи даночни ослободувања кои го еродираа даночниот систем.

– Рамниот данок треба да функционира и понатаму, за да зборуваме за оданочување на богатите прво треба да ги дефинираме кои се, па потоа како да ги оданочуваме. Јас не сум против прогресивното оданочување, но мора да имаме предвид како тоа да го воведеме, кои прагови да ги ставиме, која даночна стапка итн. Има начин да се воведе прогресивен данок, со цел товарот и од ковид кризата да се префрли на делот кој треба да се оданочи. Не е тајна, се знае кои се најпрофтабилни сектори во државата и остваруваат екстра профити и државата може дополнително да ги оптовари. Тука пред се мислам на банкарскиот сектор и приватниот зфдравствен сектор, со соодветна политика и мерка колку пари и да требаат комотно можат да се земат од таму и да не се осети врз стопанството. Ова што сега се прави ќе се осети врз целото стопанство вели Смилевски.

Лазовски, пак, зборувајќи за оданочувањето на ИТ секторот, вели дека воопшто не е битно колку една даночна реформа ќе истисни приходи во буџетот, туку другите ефекти се побитни.

– Споменавте дека ИТ секторот може да избега од земјава, но каде ќе одат, во Босна, Србија, Косово? Па и таму ги чека оданочување. Инаку во 94 година ние го напуштивме тој секторски прием дека некој сектор е поважен од друг и да му ги доделиме сите даночни ослободувања. Нашиот пример кажува дека земјоделието и рударството, кои уживаа најголеми даночни бенефиции, најмногу заостанаа. Воопшто не е точно дека ако некој го ослободите од даноци, тој утре ќе се развие. Јас ова го споредувам со вложувањето во нашите деца, ние секогаш вложуваме во детето, значи вложуваме во даноците со цел да оствариме повеќе приходи. Според тоа, луѓето од ИТ секторот треба да се оданочат и тие даноци да се вложат во тој сектор. Некој ако сакате да уништите, дајте му даночно ослободување. Доколку не се вршат реформи добиваат само политичарите. Обично во една држава пет посто од населението е во бизнисот, а 95 отсто се на другата страна. Овие пет посто се тие најпрогресивните и тие треба да го поднесат најголемиот товар, но после тие ги остваруваат и најголемите придобивки од даноците. Едноставно е, на кого му треба добар, здрав, образован работни, бризи комуникации, на тој што е во бизнисот. Реформите по мене се и неопходни и добри за сите. Со мали даноци нема напредок, ако сакате мали даноци одете во Чад, Јужен Судан..зошто е Германија локомотива на Европа, затоа што е најуредена даночна земја во Европа, па и во светот. Најголеми инвестиции во Европа има Германија, вели Лазовски.

Тој сподели и една случка која се случила за време на подготовките на Законот за даночна постапка, кога во земјава дошол експерт од Германија, кој вече бил во пензија.

– Тој во разговорите ни рече мојот син е шеф на даночните советници во Сименс и ние му рековме зошто не му кажете на синот Сименс да дојде и да вложи во Македонија бидејќи имаме најмалку даноци. Знаете што ни рече? Сименс не доаѓа во земји со ниски даноци. На Сименс му треба добар работник, здрав, образован, владеење на правото и демократија. Кажете една земја во која се почитуваат човековите права, а да има мали даноци, рече Лазовски.

Експертот Павле Гацов зборуваше за даночни реформи. Слушнете во видеото во прилог:


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7