ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/10/22 8:17 AM

Не делиме луѓе по раса, нација или вера -м „Си денс“ не сака да ги избрка руските уметници на барање на „Калуш оркестар“

Победниците на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, украинскиот „Калуш оркестар“, кои требаше да настапат на затворањето на фестивалот „Си Стар“ на 28 август во Буљарица, побараа од организаторите да го откажат настапот на Русинките Нина Кравиц и Анфиса Летјаго, кои исто така треба да настапат таа вечер на истата сцена.
– Поздрав до сите, требаше да настапиме на фестивал, но тие ставија руски диџеи и тоа е катастрофа – напишаа „Калуш оркестар“ на социјалните мрежи, повикувајќи ги фановите да го поддржат „чистењето на сцената“.

– Веќе му пишавме на организаторот да ги отстрани. Ако не успее, тогаш, се разбира, нема ни да настапуваме таму. Сакаме да ве замолиме заедно да напишете дека тие две да си заминат и во Црна Гора да настапува само нормална екипа.
„Егзит тим“ кој стои зад организацијата на „Си денс“ што ќе се одржи од 26 до 28 август на плажата Буљарица, вчера му одговори на „Калуш оркестар“, нагласувајќи дека ја „осудуваат војната во Украина, но дека никогаш нема да ги откажат изведувачите поради нивната нација, раса или религија“.

Потсетувајќи дека мисијата на фестивалот, како и сите настани на „Егзит“, е промоција на мирот, заедништвото, љубовта, мултикултурализмот и соработката, во соопштението наведуваат и дека поради непријатното минато што го споделуваат југословенските народи, многу добро знаат што подразбираат војните и дека во нив најмногу страдаат невини луѓе:

– Силно сочувствуваме со сите жртви на војната во Украина, но откажувањето на настапот на кој било изведувач исклучиво врз основа на националност, раса или религија е спротивно на вредностите за кои се залага „Си Денс“. Силно ја осудуваме руската инвазија на Украина, како и употребата на вооружена сила и воени настани насекаде во светот. Го осудуваме и лицемерието на западната јавност која молчеше кога во нивно име беа покренати бројни војни ширум светот. Не толку одамна бевме бомбардирани и од некои од најмоќните земји во светот, додека цивилните жртви, вклучително и децата, беа нарекувани „колатерална штета“ од воена интервенција. Се сеќаваме и на воените конфликти низ поранешна Југославија. Нашата намера да бидеме домаќини на украинскиот „Калуш оркестар“ на фестивалот „Си денс“ беше изразена уште пред нивната победа на Евровизија, бидејќи сакавме да ги поддржиме украинските уметници во тешкиот момент за таа земја. За тоа сведочи и фактот што фестивалот „Егзит“ „Си Стар“ во Умаг беше првиот во светот на кој настапија по победата на Евровизија.
Организаторите уште еднаш нагласија дека дискриминацијата на која било личност и уметник поради нивната националност, религија или раса е целосно неприфатлива и дека откажувањето на настапот на изведувачот, само затоа што доаѓа од одредена земја, не е начин да се постигне мир, туку точно спротивно – патот до натамошни поделби, ескалација на омразата и продлабочување на конфликтот.

– Нина Кравиц е една од најголемите ѕвезди на електронската музика и долгогодишен соработник на нашите фестивали и знаеме дека нејзиниот став не е на страната на војната и страдањето, туку на страната на мирот. Настапите на „Калуш оркестар“ и Нина Кравиц на фестивалот „Си денс“ се шанса заеднички да се испрати силна порака за мир. Тоа е единствената порака што сакаме да ја испратиме до целиот свет, бидејќи музиката има моќ да обедини и да „мобилизира“ многу повеќе луѓе од која било вооружена сила – истакнаа организаторите.

Извор: novosti.rs

Фото: eurovision.tv


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7